Патниците што ја преживеаја автобуската несреќата кај Ласкарци денеска сведочат на судењето за страотната трагедија во која загинаа 16 луѓе, а 37 беа повредени, со цел да дадат одговор што се случувало на денот кога автобусот на „Дурмо Турс“ излета од патот Тетово – Скопје.
Возачот во неколку наврати го користел мобилниот телефон, кога автобусот се движел од скопската автобуска станица до патарината кај Глумово, според сведочењето на патникот што седел во првиот ред на автобусот. Сведокот бил хоспитализиран безмалку еден месец во болницата „8 Септември“, откако претрепел 12 искршени ребра и два пршлени во несреќата.
Тој истакна дека ќе бара отштета, додека остава на Судот да одлучи дали обвинетите ќе бидат кривично гонети. Во текот на денешното рочиште треба да бидат испрашани уште шестмина сведоци. Еден од сведоците не се појави во судницата бидејќи моментно е на лекување во странство.
За несреќата обвинети се шест луѓе – сопственикот на „Дурмо турс“ Дурмиш Белули, вработениот во фирмата Ремзи Мифтари, возачот на автобусот Маноил Трифуновски и тројца вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боваровски.
Несреќата кај Ласкарци се случи на 13 февруари кога автобусот на „Дурмо турс“ со 51 патник излета од патот Тетово – Скопје и падна во провалија откако ја проби заштитната ограда на автопатот.