Во формулата за пресметување на процентот за усогласување на пензиите, покрај порастот на индексот на трошоците за живот, треба да се земе предвид и дел од растот на платите, заради одржување на реалната вредност на пензиите, бараат од Сојузот на здруженија на пензионерите.
– Ваквото системско решение ќе овозможи избалансираност на овие два параметри и на тој начин секогаш ќе има соодветно усогласување на пензиите. Доколку се зема само еден параметар и тоа само порастот на трошоците на животот, а платите растат повеќе, тогаш ќе бидат фаворизирани вработените, а пензиите ќе заостануваат. За да не се случува тоа, се предлага комбиниран начин на усогласување на пензиите како системско решение со дел од порастот на платите и дел од трошоците на животот – објасни Станка Трајкова, претседателка на Сојузот.
Таа посочи дека кон вонредното усогласување на пензиите би требало да се пристапи внимателно, за да не се нарушат соодносите на пензиските примања и додаде дека една од основните цели на Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија е редовна исплата на пензиите и нивно тековно усогласување.