Противник на Вардар во второто квалификациско коло на Купот челинџ ќе му биде чешкиот тим Чез Карловарско, а мечевите ќе се играат во Карлови Вари на 13-ти и во Скопје на 26 ноември
Македонската одбојка преку настапот на машката репрезентација на дебито на Европското првенство (ЕП) во Словенија минатиот месец се покажа во одлично издание. Беа забележани две победи во групата, над Белорусија и над домаќинот Словенија, кој подоцна го освои второто место на ЕП, што треба да биде своевидна најава за подобри денови за одбојкарскиот спорт во Македонија, на репрезентативен и на клупски план.
Последниве години македонските клубови редовно апстинираа од европските купови, главно поради лошата финансиска ситуација во која се наоѓаа(т). Последен што играше во Европа пред десетина години беше Работнички. Сезонава таа лоша традиција ќе ја прекине Вардар, кој ќе настапи во Купот челинџ, во кој во втората квалификациска рунда противник ќе му биде чешкиот тим Чез Карловарско. Првиот меч се игра во Карлови Вари на 13-ти, а реваншот е во Скопје на 26 ноември.
– Чешкиот тим е непознат за нас, засега немаме податоци за нивната игра. Во наредните денови ќе им испратиме снимки од некои наши натпревари од првенството, потоа тие треба да ни возвратат, по што ќе имаме подобар увид во нивните квалитети. Знаеме дека лани играа во Лигата на шампионите, дека речиси секоја година играат во европските купови, има некои информации дека се подмладени, но и оти имаат неколку поискусни играчи во тимот. Како и да е, добра околност за нас, за одбојкарите и за клубот, па и за македонската одбојка во целина, е што повторно настапуваме во европските купови. Ако не се лажам, Вардар последен пат играше во Европа во 1994 или во 1995 година – вели тренерот на вардарци Деан Стојанов.
Одбојкарите на Вардар во новата сезона влегуваат со големи амбиции во шампионатот на Македонија, во кој ќе атакуваат на титулата. За остварување на таа цел вардарци се засилија со неколку искусни одбојкари, со македонските репрезентативци Васе Михаилов, Филип Маџунков и Стојан Илиев, како и со поранешниот репрезентативец Јовица Симовски. Од Србија дојде либерото Лазар Мичиќ, а од Јапонија, од Нагоја, доаѓа техничарот Ватанабе Сун.
– Мислам дека со новите засилувања, плус со неколкуте играчи од ланскиот состав, предводени од средниот блокер Ристо Клопчевски, ќе ѝ бидеме сериозен ривал на Струмица не само за освојување на титулата туку и за триумф во Купот на Македонија – вели Стојанов, чии избраници во првото коло од новиот шампионат во понеделникот ја совладаа Лирија, со 3-0.