Машката шаховска репрезентација на Македонија (просечен рејтинг 2.498 поени, рангирана 29-та пред турнирот), по добриот почеток доживеа два пораза во низа и моментно е на 29-то место, со четири бода (7,5 поени по табли), од вкупно 40 селекции на Европското првенство во Грузија. Во 5-то коло Македонија загуби со максимални 0-4 од првата селекција на Грузија (2.616, рангирана 14-та). По слободниот ден, денеска Македонија игра со Словачка (2.495, рангирана 30-та).

– Засега бодовно и резултатски сум задоволен од постигнатото, бидејќи имавме пет тешки и посилни противници од нас. Во денешното, шесто коло првпат имаме противник што е послабо рангиран, па и очекувањата за успех се поголеми.

Поединечно по табли не би сакал да коментирам додека ЕП е во тек, но задоволен сум од сите пет репрезентативци од нивното залагање. Георгиев не беше во составот во петтото коло, оти тој бараше да паузира едно коло, петто или шесто, за да го поврзе со слободниот ден, за потоа свеж да ги одигра сите партии до крајот. Проценив дека со Грузија ни се мали шансите за освојување бодови и решив да го одморам – ни изјави селекторот на машката репрезентација Роландо Кутиров.

Од шахистите, засега добро стојат ВМ Кирил Георгиев (2.577) на првата табла, со 3,5 поени од четири можни и има нови 13,3 рејтинг-поени, и Николовски, со три поени од пет партии, односно освоени нови 12,1 рејтинг-поени. Недев има половина од четири партии, Панчевски еден поен од пет, а Лазов две загубени партии од две кола. На ЕП засега Австриецот Давид Шенгелија (2.531), Русинот Дмитри Андрејкин (2.741) и Азербејџанецот Рауф Мамедов (2.645) се најуспешни шахисти, со по 4,5 поени од пет партии.

Македонските шахистки, пак (просечен рејтинг 1.986, рангирани 31-ви од 32 селекции), го доживеаја четвртиот пораз, овој пат од Белгија (2.013, рангирана 30-та), со 1,5-2,5, и се на 31-то место. Победи Бојана Бејатовиќ, ремизира ИМ Габриела Коскоска, а загубија ЖФМ Моника Стојковска и Ивана Манова. Поединечно најмногу поени, по два од пет можни, засега имаат Стојковска (плус 7,2 рејтинг-поени) и Коскоска. На ЕП засега единствено Ана Саргсиан (2.242) има пет победи од пет кола. Во следното коло Македонија игра со Швајцарија (2.138, рангирана 27-ма). Кај мажите на ЕП 2019 водат Украина и Русија, со по девет бода, а кај дамите Русија со 10, пред Грузија, Азербејџан и Србија со по осум бода.