Автор: Тарик Хадад

Њузвик

Еден севернокорејски експерт вели дека Ким Јонг-ун се подготвува да му пркоси на претседателот Доналд Трамп и САД на голем начин откако вчера во јавноста беа објавени фотографии на кои диктаторот беше претставен како полубог и митолошки херој.

Државната новинска агенција КЦНА ги објави фотографиите на кои Ким јава на коњ по снег кон планината Пекту. Местото има огромно историско и симболично значење, а посетите на минатите и сегашните севернокрејски лидери на планината честопати одат рака под рака со големи политички најави.

Гери Сомервил, истражувачки аналитичар за Северна Кореја од Кралскиот институт за одбрана и безбедност поврзан со британската војска, изјави за „Њузвик“ дека ниеден друг лидер претходно не го посетил тоа место на бел коњ.

– Значењето на неговата посета на Пекту, особено на бел коњ, може да биде симбол за митскиот коњ Колима. За оние што не се запознаени со источноазиската култура, Колима е крилест коњ нешто слично како Пегаз. Неговото значење според легендата е дека ниеден смртник не може да го јава Колима, затоа што е премногу брз и нескротлив. Со фотографиите на Ким како јава бел коњ се креира мит за целите на пропагандата во однос на тоа како самиот се замислува, не само во Северна Кореја туку и на меѓународната сцена. Ова сигнализира дека се замислува како некој кој ја има остварено најневозможната задача и веројатно остава впечаток на полубог пред домашната јавност, иако лично би внимавал околу таа терминологија – вели Сомервил.

Пропагандните фотографии беа објавени по неколкунеделните зголемени тензии меѓу Северна Кореја и САД. Состанокот на дипломатите од двете држави во Стокхолм овој месец исто така не роди со плод поради меѓусебните обвинувања. Пјонгјанг исто така продолжи да тестира балистички ракети со краток дострел додека истовремено ги претстави балистичките ракети што се лансираат од подморница која државните медиуми ја опиша како „темпирана бомба“ која лета над непријателските глави.
Според истражувањето на „Статиста“, Северна Кореја е на добар пат да постави нов рекорд во успешните ракетни тестови на годишно ниво. Покрај зголемениот број на ракетни тестови, Сомервил смета дека чекорите на Северна Кореја ќе имаат поинаква форма.

– Други аналитичари велат дека ќе следат нови тестови на интерконтинентални балистички ракети (ИБКМ), но не значи дека Ким ќе се осуди на таков чекор. Тоа дефинитивно ќе предизвика нова рунда на санкции за Северна Кореја и воедно ќе ја вознемири и Кина. Со оглед на скорашните подобрувања во односите со кинескиот претседател Си Џинпинг и негова посета на Северна Кореја на почетокот од оваа година, тестирањата на ИКБМ можат да нанесат голема штета по напредокот што Ким го постигна. Мислам дека фотографијата има многу варијанти на значење, така што можат да следат промени во отворањето на економијата или можна човечка мисија во вселената што би било постигнување за почит, што ќе ја покаже технолошката моќ на Северна Кореја, но тешко е сега да се каже што од ова ќе се оствари. Каков потег Ким ќе реши да направи, како резултат на овие јавни сигнали? Мислам дека најмногу ќе биде да им пркоси на Трамп и на САД. Целта на фотографиите е да покаже сила – смета Сомервил.

Превод: Билјана Здравковска