Инциденти на денешната седница на хрватскиот парламент додека премиерот Андреј Пленковиќ зборуваше за состојбата на нацијата, пренесуваат хрватските медиуми.
Опозицискиот пратеник од Жив ѕид, Иван Пернар, на раце беше изнесен од салата од страна на обезбедувањето, а Миро Буљ од независната листа МОСТ на столчето на премиерот остави кеса со ѓубре.
Пред почетокот на излагањето на премиерот дојде до расправија меѓу Пернар и претседателот на Саборот, Гордан Јандроковиќ, по што обезбедувањето го изнесе опозиционерот од салата.
Јандроковиќ предложи дополнување на дневниот ред со 10 нови точки, а на прашањето дали има приговор, се јави Пернар, која се пожали на состојбата во правосудството поради случајот со силувањето девојче во Задар.
Јавноста во Хрватска е револтуирана кога судија во Задар ослободи група лица да се бранат од слобода, осомничени дека во текот на една година во повеќе наврати групно го силувале девојчето.
Кога Пернар не се држеше до правилата, претседателот на Саборот двапати го опомена и потоа му го одзеде зборот. Пернар не престануваше да зборува, па Јадронковиќ му го одзеде зборот и за денеска и за утре. Пернар го игнорира и тоа предупредување по што Јандроковиќ даде десетминутна пауза и го повика собраниското обезбедување да го изнесе опозицискиот пратеник од салата.
По него, опозиционерот Буљ, кој зборуваше за управувањето со отпадот, во салата внесе кеса со ѓубре.