Современата македонска литература, претставувана од Македонската асоцијација на издавачи (МАИ), ќе биде дел од 71-то издание на Саемот на книгата во Франкфурт, кој ќе се одржува од денеска до 20 октомври. На овој најголем саем на меѓународната издавачката индустрија, кој се одржува под мотото „Идеи што го придвижуваат светот“, македонскиот промотивен штанд ќе биде сместен во петтата хала за меѓународни учесници. На 32 квадратни метри ќе бидат претставени 400 наслови од стотина македонски автори, објавени од дваесетина домашни издавачки куќи: книги за деца, стручна литература, едукативни изданија и белетристика на македонски, албански, англиски и на германски јазик.
Претставувањето на македонската делегација на саемот годинава, како што истакнуваат од МАИ, ќе биде во знакот на промоција на домашната современа книжевност, реализирање бизнис-средби и соработки со странски партнери и промоција на нашата земја како современа културна и книжевна средина.
Денешниот ден ќе биде посветен на македонската литература за деца и за млади, со фокус на книгата за деца „Девојче и мече“ од Ване Костуранов (издание на „Арс ламина – публикации“), која влезе во престижната листа „Вајт равенс 2019“.
„Македонскиот ден“ ќе се одржи утре, кога штандот ќе го посети министерот за култура Хусни Исмаили, кој заедно со македонската делегација и претставници на МАИ, ќе оствари средба со заменик-претседателот на саемот и директор за меѓународна соработка Тобијас Вос, на која ќе се разговара за идните планови и соработка.
Истиот ден специјален гостин на штандот ќе биде и луксембуршкиот автор Жан Бак, добитник на Европската награда за литература во 2010 година, чија книга „Аматер“ на македонски јазик е објавена во едицијата „Прошетка низ Европа“ од „Арс ламина – публикации“.
Закажани се и повеќе промоции во текот на саемските денови, како и бизнис-средби со меѓународни издавачки куќи, литературни агенти, автори и релевантни здруженија, за претставување на македонската книжевна продукција, унапредување на соработката и вмрежување.
Саемот на книгата во Франкфурт се смета за најголем и најпосетен настан од овој тип во светот. Годинава, Норвешка е земјата што е негов почесен гостин.