Заменик-министерот за здравство, Асим Муса соопшти дека се повлекува од функцијата, на денешната прес-конференција. Неговата одлука за повлекување следува по објавата на видео-снимка, на која се гледа како тој зема пари на рака од пациент од Албанија.
Тој вели оти наседнал на стапица, односно дека се работело за пари кои секој странски пациент треба да ги плати за интервенција.
– Секој граѓанин од Република Албанија кому сум му служел, јасно знае дека ова е стапица, намерна со цел да ѝ наштети на мојата лична, професионална и фамилијарна фигура. Нема да дозволам цели овие 23 години инвестиција во мојот професионален и фамилијарен кредибилитет да биде нарушена на ваква намерна стапица, бомбастички со лажни наслови кои не се реални, како може да се види во снимката – порача Муса.
Тој нагласи дека и натаму ќе продолжи да им служи на граѓаните од земјата и пошироко.