Под закана од турските сили, милицијата што се бореше против Исламска држава склучи сојузништво со сириската влада поддржана од Русија
Курдските сили кои долго време беа во сојузништво со САД во Сирија, вчера објавија нов договор со владата во Дамаск, заколнатиот непријател на Вашингтон што е поддржан од Русија, додека турските трупи напредуваат подлабоко на нивната територија, а претседателот Доналд Трамп нареди повлекување на американските трупи од северна Сирија, пишува „Њујорк тајмс“. Ненадејната промена означи голема пресвртница во долгата сириска војна.
Во изминатите пет години, американската политика се потпираше врз соработката со силите предводени од Курдите, во борбата против Исламска држава (ИД) и за ограничување на влијанието на Русија, која ја поддржува сириската влада, со цел за стекнување на залог за решението за конфликтот.
Вчера, откако американскиот претседател ненадејно го отфрли таквиот пристап, американскиот залог исчезна. Ваквата ситуација претставува закана дека сирискиот претседател Башар ал Асад и неговите ирански и руски поддржувачи ќе добијат слобода да реагираат. Таа исто така ги загрозува тешко извојуваните победи над ИД, потенцијално отворајќи ја вратата за нејзино враќање.
Курдската спогодба со Дамаск го расчисти патот за враќање на владините сили на северот на државата за првпат по неколку години со цел да ја одбијат турската инвазија покрената откако администрацијата на Трамп ги тргна американските трупи од нивниот пат. Повлекувањето веќе создаде хаос и крвопролевање.
Објавувањето на спогодбата го одбележа денот покрај брзото напредување на турските сили и бегството на стотоци жени и деца поврзани со ИД од кампот каде што беа задржани.