Тој нѐ инспирира сите нас и покажа дека можеме да ги надминеме границите во животот. За спортот, за другите млади спортисти, ова е предизвик дека можат да настапуваат подобро отколку што мислат. За човештвото, тоа покажува дека може да се придвижиме на друго ниво, рече Санг, тренерот на Кипчоге, кој стана првиот човек што истрча маратон побрзо од два часа
Кениецот Елиуд Кипчоге (34) стана првиот атлетичар во светот што маратонската патека од 42,195 км успеа да ја истрча за помалку од два часа. Олимпискиот шампион и светски рекордер оваа патека околу виенскиот парк „Пратер“ ја минал за еден час, 59 минути и 40 секунди. Трчајќи со просечно темпо од 2,5 минути по километар, Кипчоге веќе на половина од маратонот имал 11 секунди предност пред планираното време.
Обидот да се постави новиот рекорд првобитно бил закажан во паркот „Бетерски“ во Лондон, а имало обид и во Монца во 2017 година, но на Кипчоге тогаш му недостигале 26 секунди за да успее.
– Ова само покажува дека човечкото тело не познава граници. Мислам дека ова е историски успех, исто како што беше стапнувањето на Месечината. Сега тоа го направив јас, а очекувам по мене, во иднина, тоа да го сторат и повеќе атлетичари – изјави задоволно по трката Кипчоге.
Кипчоге никогаш не одеше побавно од 2:52 минути по километар. За да истрча побрзо од два часа, тој мораше да трча 100 метри за 17,08 секунди 422 пати по ред, со брзина од 21,1 км на час. Тој беше на 10 секунди пред предвиденото на половина од трката, пред да забави со неколку километри со време 2:52 минути, а потоа го врати темпото, пишува „Би-би-си“.
Иако да се истрча маратон побрзо од два часа, со децении се смета како најголемо можно достигнување во атлетиката, сепак Светската атлетска федерација (ИААФ) излезе со соопштение дека овој рекорд не го признава, така што останува во сила актуелниот рекорд, кој е во сопственост на Кипчоге, а поставен е во Берлин во 2018 година (2:01,39), пренесува агенцијата АП.
Но зошто ИААФ не го признава новиот рекорд. Кениецот трчал 4,4 круга по затворена патека од 9,54 км, која се состоела од две рамни должини (4,3 км), а притоа имал и голема помош. Така, во текот на целата трка, пред него се движел автомобил, што не е дозволено, кој со ласерски зрак ја означувал патеката по која Кипчоге би морал да трча за да го постигне потребното време за успех. Понатаму, со него трчале и се менувале вкупно 42 т.н. „пејсмејкери“, меѓу кои биле и поранешни светски прваци, кои му помагале да го одржи потребниот движечки ритам.
На Кипчоге му помагаа и олимпискиот шампион 1.500 метри, Метју Центровиц, сребрениот олимписки медалист на 5.000 метри Пол Челимо и браќата Ингебригстен, Јакоб, Филип и Хенрик. Тие ротираа, трчајќи во В-формација околу Кипчоге, со поранешниот светски првак на 1.500 и на 5.000 метри Бернар Лагат, кој беше водечки во финишот од трката.
На Кипчоге вода му давале луѓе од страна додека трчал, а правилото вели дека атлетичарот сам треба да ги зема садовите со вода, кои се поставени на масите покрај патеката, како што е во нормалниот маратон. Свесни дека тој ќе испише нова маратонска историја, на околу 500 метри пред целта, „пејсмејкерите“ го напуштиле, за тој сам да помине низ целта.
„Би-би-си“ јави дека обидот бил финансиран од компанијата за петрохемикалии „Инеос“, сопственост на најбогатиот човек на Велика Британија, сер Џим Ратклиф, која, исто така, спонзорира велосипедски тим со исто име. Локацијата е избрана поради поволната клима, одличниот квалитет на воздухот и речиси целосно рамниот терен, со само 2,4 метри наклон на патеката. Тимот на „Инеос“ го избра и почетното време од 7:15 часот наутро, откако ги процени временските услови во Виена за тој ден.
Тренерот на Кипчоге, Патрик Санг, изјави дека „сѐ поминало како што треба“ во овој обид.
– Тој нѐ инспирира сите нас и покажа дека можеме да ги надминеме границите во животот. За спортот, за другите млади спортисти, ова е предизвик дека можат да настапуваат подобро отколку што мислат. За човештвото, тоа покажува дека може да се придвижиме на друго ниво. Историјата е направена. Неверојатно е – рече Санг, пренесе „Би-би-си“.
НАЈБРЗИ ОФИЦИЈАЛНИ ВРЕМИЊА ВО МАРАТОН, МАЖИ
ВРЕМЕ АТЛЕТИЧАР ЗЕМЈА МЕСТО, ДАТУМ
2:01,39 Елиуд Кипчоге Кенија Берлин, 16.9.2018
2:01,41 Кенениса Бекеле Етиопија Берлин, 29.9.2019
2:02,48 Бирхану Легесе Етиопија Берлин, 29.9.2019
2:02,55 Мосинет Геремев Етиопија Лондон, 28.4.2019
2:02,57 Деннис Кимето Кенија Берлин, 28.9.2014
Извор: ИААФ