Раџабов и Динг му се придружија на Каруана на Турнирот на кандидатите за предизвикувач на светскиот првак Карлсен. Третото место на СК во Канти Мансијск му припадна на Вашер-Лаграв, кој со 4-2 го совлада Ју
Азербејџанскиот велемајстор (ВМ) Тимур Раџабов (2.758 рејтинг-поени, рангиран на 15-то место во светот), го освои првото место и паричната награда од 110.000 долари на Светскиот куп (СК) во шах во Канти Мансијск (Русија), на кој настапија 128 шахисти и играа според нокаут-систем. Тој во финалниот дуел, по дополнителниот тајбрејк, го совлада Кинезот Лирен Динг (2.811 рејтинг-поени, рангиран на третото место во светот, кој заработи 80.000 долари) со 6-4, добивајќи ги деветтата и 10-та партија со брзо темпо на игра (двапати по пет минути).
И двајцата се пласираа на Турнирот на кандидатите за предизвикувач на светскиот првак, Магнус Карлсен, кој ќе се игра следната година (март-април) во Екатеринбург. Покрај нив, засега (од вкупно осумте шахисти), на тој турнир ќе игра и Американецот Фабијано Каруана, како актуелен светски вицешампион.
Французинот Максим Вашер-Лаграв го освои третото место (парична награда од 60.000 долари), победувајќи го Кинезот Јангуи Ју (освои 50.000 долари) со 4-2, добивајќи ги двете партии со забрзано темпо на игра (двапати по 25 минути).
Триумфот на Раџабов (32), беше 10-ти носител на СК, за разлика од Динг (26), кој во Канти Мансијск беше рангиран прв. Динг вторпат не успеа да победи, откако и лани загуби (2-4) во финалето од Ерменецот Левон Аронијан, а Лаграв лани беше четврти. Раџабов стана познат кога на 15 години (2003), го победи тогашниот шахист број еден во светот Гари Каспаров на турнирот во Линарес. Девет години подоцна (ноември 2012), тој го достигна својот највисок играчки рејтинг (2.793), односно четврти во светот.
– Не чувствувам ништо посебно, ова беше крајно исцрпувачко финале. Само сум среќен по двете последни партии со брзо темпо, во кои успеав да го надиграм противникот. Не можам да направам споредба на победата на овој турнир со победата над Каспаров, кога имав 15 години и од кого всушност учев во шахот – скромно изјави по турнирот Раџабов, кој додаде дека последните неколку години се двоумел дали да продолжи активно да игра шах.
Раџабов во својата играчка кариера освоил индивидуален бронзен медал на втора табла на Шаховската олимпијада (ШО) во 2018 година (шест победи, четири ремија, без пораз), двапати играл на Турнирот за кандидатите (2011 и 2013), трипати (2009, 2013, 2017), со репрезентацијата на Азербејџан го освоил златниот медал на ЕП. Позначајни индивидуални достигнувања му се првото место на турнирот „Тата Стил“ (2007), гранпри-триумфите во Елиста (2008) и во Женева (2017) и други. Тој е европски вицепрвак (2005), европски првак до 18 години (1998), на СП во брз шах бил по еднаш втор и трет, а еднаш втор во забрзан шах. Раџабов е експерт за кралева-индиска одбрана, со која успеал да го победи и светскиот првак Карлсен (2014 година). Се смета за одличен контраиграч, особено е опасен ако противникот не ја искористи предноста, а притоа и направи и најмала грешка.