Убавата Французинка се мажела четири пати, залудела стотина мажи, но и жени, се обидела да се убие двапати, бременоста ја споредувала со тумор и никогаш не ја сакала славата што ѝ ја донесоа убавината и талентот
Американците во 1950-тите и 1960-тите години ја имаа Мерилин Монро, а Европејците божествено убавата Французинка Брижит Бардо, која од дното на душата ја презираше славата, иако со својот изглед и со своите постапки го фасцинира светот.
Некогашниот секс-симбол и модна икона на 28 септември наполни 85 години. Старее достоинствено, без пластични операции и ботокс, а пред пет години ја објави и својата биографијата, во која се изнесени малку познати детали од нејзиниот бурен живот. Таа е неоспорна филмска икона на 20 век и влијаеше на промената на сликата за современата жена.
Во раната младост Брижит се однесувала многу либерално, а во староста станала конзервативна. Кога имала 20 и 30 години не се срамела да го покаже своето голо тело, чија убавина ги оставала мажите без здив. Се вљубувала, раскинувала врски, се мажела и разведувала, не грижејќи се за гласините и за озборувањата.
Брижит Бардо, чие вистинско име е Камил Јава, е родена во Париз во 1934 година, во исклучително религиозно семејство. Мајка ѝ Ана Марија била домаќинка, а татко ѝ индустријалец. Јавноста првпат ја запозна кога заблеска на насловната страница на магазинот „Ел“ во мај 1949 година, каде што ја забележа и режисерот Марк Алегре, што целосно ѝ го смени животот. Неговиот асистент Роже Вадим се вљубил во неа и од нејзините родители ја побарал нејзината рака, но тие одбиле да дадат дозвола за брак, бидејќи Брижит тогаш имала 17 години. Сепак, кога наполнила 18 таа се омажила за Вадим.
Иако на професионален план совршено функционирале, Брижит и Роже имале приватни проблеми. Бракот им траел пет години, но нивната професионална соработка продолжила и по разводот. По две години, таа повторно застанала пред олтарот и се омажила за глумецот Жак Шарие. Дванаесет месеци по венчавката го добиле синот Николас, со кого глумицата никогаш не била блиска, а бременоста ја споредувала со тумор. Синот никогаш не ѝ го простил тоа, но тој не е главната причина за нејзината несреќа, бидејќи само осум месеци по неговото раѓање, на својот 26-ти роденден, таа вторпат се обидела да си го одземе животот. Тоа било за време на снимањето на филмот „Вистина“, кој веднаш по прикажувањето станал еден од најгледаните во Франција. Повод за обидот за самоубиство биле брачните проблеми, а набргу, во 1962 година, следувал и нејзиниот втор развод.
По третпат Б.Б. се мажи за германскиот милионер и плејбој Гантер Сакс, но нивната среќа е со краток век. Сепак, оваа врска во нејзините сеќавања е еден од најдрагите спомени, па можеби затоа неговото самоубиство во 2011 година сосема ја скршило. Гантер се самоубил во дворецот во Швајцарија, кој е сопственост на фондацијата на Брижит, што имплицира дека некогашните сопружници биле блиски и по разделбата. Последен пат Бардо се мажи во 1992 година, за Бернард Д’Омал, со кого и денес живее мирен и повлечен живот.
Глумицата станала позната под прекарот Бејб, а со името Брижит Бардо на филмското платно дебитирала во 1952 година, во филмот „Луди од љубов“. Таа соработувала со славни режисери, како Федерико Фелини, Луј Мал, Жан Лик Годар…, а нејзини најпознати филмски остварувања се: „Во случај на несреќа“ (1956) на Клод Отон Лара, каде што партнер ѝ беше Жан Габен, „Парижанка“ (1957) на Мишел Боарон, „И бог ја создаде жената“ (1956) на Роже Вадим, кој ѝ донесе светска слава, „Одмор на воините“ (1962), „Прогонети љубовници“ (1958), „Дон Жуан бил жена“ (1974), исто така на Вадим, потоа „Приватен живот“ (1962) и „Вива Марија“ (1965) на Луј Мал, „Презир“ (1963) на Жан Лик Годар…
Според критичарите, филмот „И бог ја создаде жената“ во целост го смени дотогашното сфаќање на сексот во седмата уметност, особено по легендарната сцена во која Брижит танцува босонога качена на маса.
Благодарение на своите први улоги, славната Французинка застана рамо до рамо до американскиот секс-симбол Мерилин Монро. Истовремено, благодарение на улогите во кои доминираше нејзиниот сексапил, се зголеми интересот на холивудските филмски режисери за остварувањата на европската кинематографија.
Меѓутоа, наспроти огромната слава, Брижит се трудеше да живее во сенка. Се случуваше поради тоа пасионираните обожаватели да провалат во нејзината куќа само за да ја видат или да земат нешто нејзино за спомен.
– Кога ќе ме препознаат, би требало да ми биде мило, но јас се наежувам и непријатно ми е – тврдела таа, иако им го одземала здивот на мажите низ светот, а за неа мечтаеле и во нејзината прегратка уживале најмоќните луѓе на минатиот век.