Општината Карпош голем дел стари контејнери ќе ги замени со нови, a за воспоставување нов систем за третман на отпадот се издвоени два милиони денари. Локалната самоуправа оваа сума ја издвои со одлука на Советот во октомври 2018 година.
– Новите контејнери се опремени со механизам за автоматско затворање на капакот, педал за ножно отворање, рачка за отворање приспособена да ја користат лицата со попреченост и упатства за правилно користење. До крајот на оваа година, некои од новите контејнери ќе бидат поставени на главните сообраќајници низ Карпош, но и на некои покритични локации, мапирани од страна на Секторот за екологија и енергетска ефикасност – информираат од општината Карпош.
Градот Скопје набави 540 нови контејнери со капацитет од 3.200 литри, со кои ќе бидат заменети над 1.800 од вкупно 4.500 досегашни стари контејнери, на територијата на целиот град. Инаку, покрај споменатите 540 нови контејнери, градот во оваа фаза набави и 30 контејнери за селектирање отпад, четири нови комунални возила, 950 канти за џебен отпад, 12 електрични машини за вакуумско чистење и 10 електрични возила за чистење и миење на јавни површини.
Градоначалникот на градот Скопје, Петре Шилегов, посочи дека со новите контејнери ќе се замени една третина од постојните контејнери, а до крајот на мандатот се предвидува замена и на преостанатиот дел.