Германецот Серж Гнабри (24) стана 12-от фудбалер што постигна четири гола во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), откако во вторникот за 35 минути четири пати ја затресе мрежата на Тотенхем, во победата на Баерн во Лондон, со 7-2, во 2. коло на ЛШ. Згора, Гнабри имаше и една асистенција. Тој е 14-от играч со повеќе од три гола на еден натпревар во ЛШ и е 84-от фудбалер што постигнува барем три гола на дуел во ЛШ и трет сезонава.
Тој со четирите гола им се придружи на 11 други фудбалери со таков ефект на еден меч во елитното европско клупско натпреварување (Марко ван Бастен, Симоне Инѕаги, Дадо Пршо, Руд ван Нистелрој, Андриј Шевченко, Лионел Меси, Бафетимби Гомис, Марио Гомез, Роберт Левандовски, Златан Ибрахимовиќ и Кристијано Роналдо). По пет гола на еден меч постигнаа Меси и Луиз Адриано. Од другите податоци за повеќе голови на еден меч, на листата со најмногу постигнати по три гола на натпревар во ЛШ водат Меси и Роналдо, со по осум.
Гнабри ја почна сениорската кариера во англиски Арсенал (како позајмен и во Вест Бромвич Албион), а потоа играше во Вердер и од 2017 година е во Баерн (му беше позајмен и на Хофенхајм). Тој настапи за сите младински репрезентации на Германија, а со селекцијата до 21 година стана европски првак на континенталното првенство во 2017 година во Полска. За сениорската селекција Гнабри одигра 10 меча и постигна девет гола, вклучувајќи го и хет-трикот на дебито за Германија во 2016 година (8-0 против Сан Марино, во квалификациите за Светското првенство во 2018 година).