Белград – Состојбата околу признавањето на Косово е променета и се очекува бројот на земјите што го сториле тоа да падне под половината од земјите-членки во Обединетите нации, а тоа е под 96 држави, изјави Ивица Дачиќ, министер за надворешни работи на Србија, кој учествува на конференцијата за развој на економската соработка на земјите од Западен Балкан и Африка. (РТС)
Загреб – Министерството за внатрешни работи на Хрватска следната година ќе набави и постави нови 16 фиксни уреди за контрола на брзината на движење на автомобилите, 28 куќишта, 24 уреди на допир и 18 стационарни уреди за снимање, кои ќе можат да снимаат одеднаш 32 возила, а ќе служат и за откривање други прекршоци, како што е користењето мобилен телефон, некористење појас и непрописно претекнување. („Пословни“)
Подгорица – Прекршочните судови во Црна Гора минатата и оваа година казниле 168 родители што одбиле да ги вакцинираат своите деца, што е речиси трипати повеќе отколку во периодот 2013-2017 година. Од нив, 140 родители биле казнети со парична казна, а 27 добиле опомена. („Вијести“)
Сараево – Канцеларијата за надворешни работи на БиХ ги поништи дозволите за престој на четворица турски државјани. Ова е направено по повикот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган до властите, за време на посетата во Сараево, во јули, за екстрадиција на одредени турски државјани за кои Турција се сомнева дека се следбеници на Фејтула Ѓулен, кој е означен како двигател на неуспешниот државен удар во 2016 година. („Кликс“).
Атина – Два пожара избувнаа завчеравечер во бегалскиот камп Морија, на грчкиот остров Лезбос, во кои загинале две лица, јавуваат медиумите и локалната администрација, но полицијата говори само за една жртва. („Макфакс“)
Бисер балкански
Без конкуренција
– Ми се чини разликата е само во тоа што тој има потреба постојано да се споредува со некого, верувајќи, како и сите други, дека е „најдобар“. Вредноста на лидерите не се мери според тоа што тие мислат за себе, туку по тоа што тие им оставаат на народите со кои управуваат. Тоа баш и не е некоја конкуренција во регионот – Шербо Растодер, редовен професор на Универзитетот на Црна Гора, на прашањето на новинар на „Данас“ за актуелните политички состојби во регионот и за тоа во што е разликата меѓу српскиот претседател Алекандар Вучиќ и другите државници на Балканот.