Повторното споменување на варијантата за решение на спорот со Грција околу името преку меѓународен договор, принципот ерга омнес и потоа скалесто односно одложено менување на Уставот во одреден временски рок од неколку години, кое беше повторено и по средбата на премиерите Заев и Ципрас во Софија, го вклучи алармот што јасно тревожи за штетните последици од едно вакво сценарио. Тоа би претставувало автопресуда со еден потпис или унилатерална капитулација на државата – и тоа на рати. Наместо проактивно во контраофанзива, на пример, да се погрижиме и да бараме признавање на македонското малцинство, со бледите реакции за „одложеното временско решение“ и барањата на Грција за ерга омнес ќе се доведеме во ситуација на умирање на рати. Одложеното решение во тој контекст е продолжена агонија и обид „раната што обилно и животозагрозувачки крвави да се залечи со фластер, а зафатот ќе биде за три години кога организмот ќе биде мртов“. Тоа е сликовит сублимат на мислењата на многу соговорници запрашани за оваа тема, кои своето мислење и став го повторуваат во повеќе наврати.

– Ерга омнес, односно име за севкупна употреба, никако не смее да се прифати, бидејќи тоа значи менување на Уставот. Тоа носи обезличување на Македонците. Иредентизмот не може да биде оправдување за менување на Уставот. Нашата влада ќе мора да се избори решението да не биде за севкупна употреба, ако сака тоа да биде достоинствено решение. Менување на Уставот и име за севкупна употреба ќе биде опасна ситуација – нагласува претседателот на МАНУ, Таки Фити.

Универзитетскиот професор Борче Давитковски смета дека временската рамка што ја бара грчката страна како време во кое ние би го имплементирале ерга омнес барањето, би можела да биде алатка за Грција трајно да си ги оствари своите барања или, со други зборови, целосно да нѐ обезличи.

И професорката Тања Каракамишева е со став дека е невозможно сето тоа што го бара Грција да се реализира ако строго го следиме меѓународното право.

– Меѓународните договори во согласност со меѓународното договорно право не можат да создаваат ниту да оправдаат активирање надворешни механизми за вмешување во прашања што имаат домашен, внатрешен карактер, а уште помалку може да се бара со меѓународен договор да се менува Уставот на РМ, бидејќи највисокиот правен акт на државата е по дефиниција прашање што потпаѓа под строга внатрешна јурисдикција на државата – објаснува Каракамишева.

Сите се согласни дека решение треба да се бара во рамките на правото, праведноста, законитоста и меѓународното право и дека засега предлозите на официјална Атина и нивното решение е против принципите на меѓународниот поредок. Такво билатерално решение секако има, кое би било прифатливо за двете засегнати страни.


Политички ставови по средбата во Софија

Влада на Република Македонија

Во одговор за „Нова Македонија“ на прашањето кој е нејзиниот став по повод изнесените информации во јавноста од страна на медиумите дека „Република Илинденска Македонија“ е новиот предлог на македонската страна соопшти дека „нема да следуваат натамошни коментари за таа тема, бидејќи за текот на преговорите прво треба да бидат информирани претседателот на државата, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и другите лидери, што ќе се случи во скоро време“.


Став на ВМРО-ДПМНЕ

Во меѓувреме ВМРО-ДПМНЕ бара итна лидерска средба за името, откако завчера попладнето во јавноста се појави неофицијална информација дека „Република Илинденска Македонија“, е новиот предлог од македонска страна во преговорите со Грција. Оттаму велат дека ВМРО-ДПМНЕ е сериозна партија, која не лицитира и одговора на шпекулативни информации за вакви сериозни прашања.

– ВМРО-ДПМНЕ нема никакви детали ниту информации за разговорите за името. Владата досега одбива лидерска средба во формат, кој е единствено транспарентен за вакво едно прашање. Затоа ние ќе го реафирмираме ставот за итна лидерска средба. Не би коментирале предлози и идеи што се неофицијални и хипотетички – одговара опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ на прашање од „Нова Македонија“, како ги коментираат неофицијалните информации за наводниот предлог „Република Илинденска Македонија“. Според ВМРО-ДПМНЕ, лидерска средба е единствен прифатлив транспарентен формат за ова прашање, по софискиот самит за која тие сѐ уште не добиле никаква покана ниту од Владата ниту лично од премиерот Зоран Заев.


Од МНР се со следниот став

– Имајќи предвид дека процесот на преговарање е во исклучително деликатна фаза, Министерството за надворешни работи, како и многупати претходно, цени дека јавно изнесување на детали, може да им наштетат на преговорите. Оттаму, сметаме дека и улогата на медиумите во овој процес, нивното објективно и фактичко известување е од големо значење – наведуваат од МНР.


Претседателот на државата

И додека Владата и МНР во текот на изминатиот ден се воздржуваа од коментари, без став околу истото прашање беше и претседателот Ѓорге Иванов. Иако побаравме одговор од кабинетот на претседателот кое е неговото мислење по изнесените нови предлози за името во јавноста, до затворањето на весникот оттаму не добивме повратна информација.