Себастијан Кое одново е избран за претседател на Меѓународната асоцијација на атлетски федерации (ИААФ), на конгресот вчера во Доха, пред почетокот утре на Светското првенство во Катар, јави „Би-би-си“. Двојниот олимписки шампион на 1.500 метри првпат беше избран за прв човек на светската атлетика во 2015 година. Тој е шестиот претседател на ИААФ.

Колумбијката Ксимена Рестрепо е првата жена што е избрана за потпретседателка на ИААФ. Таа го освои првиот олимписки медал во атлетика за таа земја кога го освои третото место на 400 метри на Игрите во Барселона во 1992 година.

За време на неговиот прв мандат, Кое ја посети Македонија, на 70-годишнината од основањето на Атлетската федерација на Македонија. Кое беше претседател на Организацискиот комитет на Летните олимписки и параолимписки игри во Лондон во 2012 година. За време на атлетската кариера, тој постави 12 светски рекорди, на Летните олимписки игри во 1980 година во Москва освои злато на 1.500 метри и сребро на 800 метри, а тоа го повтори и на Игрите во 1984 година во Лос Анџелес.


ПРЕТСЕДАТЕЛИ НА ИААФ
Зигфрид Едстрем Шведска 1912-1946
Лорд Бургли В. Британија 1946-1976
Адраан Паулен Холандија 1976-1981
Примо Небиоло Италија 1981-1999
Ламине Диак Сенегал 1999-2015
Себастијан Кое В. Британија 2015-?