За десетина дена треба да почне реконструкцијата на патниот правец Крива Паланка – граничен премин Деве Баир, со изградба на трета лента, што ќе значи целосно решавање на проблемот со патната инфраструктура во овој регион и подобрување на сообраќајното поврзување. Ова го најави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески при вчерашната посета на Крива Паланка.
Сугарески и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов, извршија увид во завршните градежни активности на реконструкцијата на регионалниот патен правец на населените места Самоков – село Добровница – село Луке и село Крстов Дол.
– Државата сериозно се грижи за инвестирање во овој регион. Се прави патот од Ранковце до Крива Паланка, паралелно ќе продолжи да се прави патот од Ранковце до Куманово, така што овој период сериозно ќе продолжи инвестирањето, а исклучително е важно што за брзо време ќе почне да се реконструира и прави патот од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир, проект во висина од 12 милиони евра.
Вложено е многу и во регионални патишта, а и во понатамошниот период најавуваме дека жителите на овој регион може да очекуваат и во иднина да се инвестира и да се решаваат проблемите со кои се соочуваат – изјави Сугарески, кој имаше средба и со градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.
Тој најави дека Владата и понатаму ќе продолжи рамномерно да инвестира во сите региони на државата, а Крива Паланка е дел и од заложбите за инвестирање во железничката инфраструктура, за што, за пругата Бељаковце – Крива Паланка, се обезбедени 68 милиони евра грант – неповратни средства.
– Оваа влада досега, за една година, има реконструирано над 500 километри патна инфраструктура, а Владата на ВМРО-ДПМНЕ за 11 години реконструира 650 километри патишта – додаде Сугарески.
Следната недела, како што најави, Министерството за транспорт и врски ќе го распише повикот за набавка и инсталација на водомери во Крива Паланка.