Зошто татко ми ме пцуе во сонот? Затоа што е во право. Оди, Андоновски, и учи пак, п. ти м. Вади белешки од книги, прави исписи од секоја прочитана книга, не јавувај се на испит ако не си „целосно подготвен“, купувај книги од свои пари и студентски стипендии… И вие сите, што правите или сте правеле исто, одете и учете пак!
Татко ми е умрен веќе 21 година. Ретко го сонувам. И државата и колегите полека го забораваат. Кажано е: нашата слава е само писмо испишано на вода, царската евентуално на песок.
А новинарската, онаа што му припаѓаше на татко ми, трае изгледа само еден ден, колку и весникот. Никој не се сети за две децении да напише ниту ред за него. Камоли да доделува некаква награда за фељтонистика со негово име. Ако семејството не се грижи, нема да остане ни спомен ни помен дури ни од писателите, сликарите, музичарите, филмските уметници. Такви сме: не помниме. Страдаме од историска склероза.
Но затоа мртвите се сеќаваат на нас. Ни се јавуваат на сон. Јас, на пример, нема никогаш да го заборавам последниот сон. Сонувам некое пусто поле, а во полето само едно дрво под кое стои татко и како да чека некого. Му приоѓам и гледам дека е лут. Ифрит. Оние што го познаваа знаат дека беше блага сорта човек. Гледа во мене како да сака да ме убие. И ми вели: „Е, ако ти е, оди и учи пак!“ И потоа сочно ме пцуе, иако сите што го познаваа знаат дека во животот не му се случило да опцуе.
Толку е сонот. Фројд знае што значи. А јас само знам дека штом се разбудив, се сетив на Миле Шпанецот. Така го викавме нашиот наставник по математика во основно, зашто омилена изрека му беше „Сите сте шпански села за математика“. И, се сетив што им велеше на мангупите и „преварантите“, како што ги именуваше оние што не сакаа да учат, туку со „шорткат“ да добијат преодна оценка. Шорткатот, се разбира, значеше препишување на писмена. Им велеше: „Бистри сте ми како планински поток“. И откако тие ќе се возгордееја, доаѓаше аперкатот: „Бистри, ама плитки“.
Миле беше сосема во право. Тие негови „преваранти“ денес се викаат кариеристи и инфилтрирани се како метастаза во сите пори на општеството: од најситен бирократ до најкрупна јавна ѕверка, сеедно. Миле знаеше, како математичар, дека плиткоста е она што ќе го уништи овој свет. Знаеше дека постои плитка и длабока мисла, но не постои плитка и длабока равенка. Знаеше дека постои плитка и длабока емоција, ама не постои плиток или длабок интеграл. И знаеше дека е факт: тоа што е плитко, нужно е бистро, зашто кога не би било бистро, не би можело да краде, лаже и да прави „превари“. Миле раскажуваше дека во некоја генерација, еден таков бистар ама плиток арамија, на писмена задача добил од другарот ливче со точно решени задачи. Но му се видело многу долго, дури и за препишување. Најпрвин сакал да препише само една задача, колку за „двојка“, ама кога го свртел ливчето од другата страна, видел дека другарот ги решил истите задачи и на пократок начин. И, бидејќи сестра на плиткоста ѝ е лакомоста, решил да ги препише СИТЕ задачи од „пократкото“: кога е бал нека е бал, кога веќе се краде и се препишува, нека биде 5 наместо 2. Миле го викаше овој случај „раскошен идиот“, зашто бистриот плиткоумник ги препишал проверките наместо решенијата на задачите. (Тогаш, откако ќе ги решевме задачите, нужно правевме проверка, односно скратен тест за точноста на решението.) И навистина, кога малку подобро ќе се размисли, денес такви плитки бистроумници, такви раскошни идиоти заглавуваат по затвори местејќи тендери, зашто се доволно вешти и бистри да најдат од каде да грабнат (да препишат), ама или грабаат погрешно (не ги познаваат законите) или се лакоми. Но, во секој случај, сакаат сè. И „пократко“, ако може. Побрзо.
Според тоа, денешниот многу распространет феномен на општествено-партиски „раскошен идиотизам“ се потпира на два поима: „сè“ (егоизам) и „брзо“ (плиткост). Да не ти даде таков човек за сопатник ни во јавен тоалет, камоли за колега во фирма, партија, влада. Сè ќе изгнаси без да пушти вода, а ти ќе чекаш и ќе се стегаш пред кабината, додека не земе сè што може да се земе како задоволство и од таа јавна услуга што се вика физиолошко празнење.
Но колку и да ни се чини дека плиткоста е нашиот најголем непријател и дека ќе го уништи светот, таа сепак работи за правдата и вистината. Односно, многу брзо нè селектира на животни и луѓе, разлика што денес не е баш сосема јасна, благодарение на влијанијата на западниот либералкапитализам и поимот на западната „демократија“. Да се биде плиток, во суштина значи ИНСТИНКТИВНО да се задоволи потребата веднаш, без да се има проспекција, план или визија за иднината. Тоа е одлика на животните. Такви луѓе денес доминираат, за жал, секаде, а тоа најмногу се гледа во политиката, која треба да нè води сите нас кон среќна и поубава иднина. Такви луѓе доминираат не само во македонската, балканската, туку и во светската политика: плиткоста е светски вирус број еден. Секогаш кога ќе се појави проблем, го решаваат со шорткат, колку да се реши и да држи вода додека некој не се сети дека е потребно трајно, темелно и длабоко решение на проблемот. Западната политика на Балканот е мајсторски пример за „раскошен идиотизам“ и за „бистар, ама плиток“: сметаат дека ги решиле националните прашања ако прогласат нови или рекомпонираат стари „демократски“ држави. Иднината ќе покаже дека тоа воопшто не е така. Држави не се прогласуваат, компонираат и рекомпонираат, туку се градат, и тоа одвнатре, со сопствени капацитети, кои ние веќе ги немаме, зашто сите способни што не сакаа да бидат граѓани од втор ред во сопствената држава, веќе се иселија. Поарно е граѓанин од втор ред во туѓа и платена, одошто во твоја а неплатена држава.
Зошто плитките денес решаваат за длабоките, дури и на глобално ниво? Зошто и како дојдоа на власт? Затоа што ние, демек длабоките, демек хуманистите, демек човекољубивите, им подававме рака. Затоа што јас лично, и во основно и во гимназија, сум подал десетици такви ливчиња. Тие мои другари денес се фактори што не ме познаваат. Еден од нив дури ми организираше и хајка по весници, зашто своевремено беше влијателен во медиумите. Тоа говори дека интелектуалната плиткост повлекува зад себе и емотивна плиткост, односно емотивна тапост.
Како може човек кому сум му подал ливче (сламка за спас) за да не изгуби година, потоа да шири гнасни лаги за мене по медиуми? Каде е тука емотивната шаржа што се вика пријателство? И уште, кога случајно го сретнав потоа, на моето прашање зошто го прави тоа кога знае дека не е вистина, да ми каже: „Па, тоа се чита и продава, јас од тоа живеам. А ти јави се и демантирај, си имаш право на тоа, и јас ќе ти го објавам тоа.“
Зошто татко ми ме пцуе во сонот? Затоа што е во право. Оди, Андоновски, и учи пак, п. ти м. Вади белешки од книги, прави исписи од секоја прочитана книга, не јавувај се на испит ако не си „целосно подготвен“, купувај книги од свои пари и студентски стипендии… И вие сите, што правите или сте правеле исто, одете и учете пак! Како не сфативте дека во пештерата на Али Баба, наречена ПРИВАТНА држава, полна златници, веќе не се влегува со книга, која бара длабок човек, туку со стап (политички лост), кој не бара длабочина ниту ум? Одете, оперирајте по хируршки сали, предавајте по универзитетски амфитеатри, магистрирајте и докторирајте, самоедуцирајте се на своја сметка, плаќајте пари да ви се објави стручен труд во научно списание со „импакт-фактор“, глумете совесни, во тремор од трема и пред празна театарска сала… кога не гледате дека пештерата е веќе ограбена, и златник не остана од оние со стапови. Што ви вреди што сте длабоки, кога плитките се – бистри? Толку.