Манифестацијата „Европски денови на културното наследство“ почнува на 23 септември, во 12 часот, во Музејот на Македонија, со изложбата „На маргините на скопскиот регион – сакрални објекти и рурална архитектура“, која се реализира во соработка со центарот за културно и духовно наследство „Каламус“. Автор на концепцијата за изложбата е Дарко Николоски.
– Темата на годинашното издание на „Европските денови на културното наследство“ во нашата земја, како и во повеќето европски држави, е „Уметност и забава“. Предвидено е низ целата земја да бидат организирани изложби, предавања, едукативни активности, проекции на филмови, промоции и други активности поврзани со зачувувањето на културното наследство и неговото доближување до пошироката јавност. Со реализирањето на повеќе активности посветени на лицата со попреченост, стручните лица што дејствуваат на полето на промоција на наследството даваат огромен придонес кон приближувањето на културните придобивки од минатото до сите луѓе еднакво – вели Нада Андоновска, координаторка на манифестацијата.
Целта на „Европските денови на културното наследство“ е да се издигне свеста за културното наследство, материјално и нематеријално, кое придонело да се обликуваат културите на човештвото. Наследството е поврзано со предметите и местата, но и со значењата и употребите што човекот им ги припишува и вредностите што тие ги претставуваат. Оваа манифестација го негува и го засилува чувството на припадност и на одговорност за културното наследство, истакнувајќи го значењето на човековите права и демократијата.
– Европските денови на културното наследство, востановени од Советот на Европа во 1985 година, претставуваат конкретен пример на негување на вредностите на културата и наследството на нашиот континент, кои се клучни за почитување на човековите права и владеењето на законите. Советот на Европа е посветен на својата определба за одржлив развој, преку кој се заштитува и зачувува локалното наследство, се збогатува животната средина, но се поврзуваат и младите Европејци со проекти за конзервација и реставрација – изјави Габриела Батаини Драгони, заменик-генерална секретарка на Советот на Европа.
Според Тибор Наврачич, европски комесар за едукација, култура, спорт и млади, манифестацијата е одлична можност граѓаните на Европа да се поврзат преку своето културно наследство.