Иако изборот на антибиотикот е на лекарот и зависи од направениот антибиограм, поради сѐ поголема бактериска резистенција, тренд е да се избегнуваат стандардните антибиотици со широк спектар (пенцилини, цефалоспорини, макролиди, кинолони) и да се користат соодветни уринарни антибиотици и уроантисептици (фосфомицин, нитрофурантоин), кои имаат конкретно дејство во мочниот меур и минимална штета на другите системи
Крајот на летото и раната есен како по правило се периоди во кои се зголемува фреквенцијата на уринарни инфекции. Во летниот период поминуваме голем дел од времето во вода, седиме во влажни костими за капење и посетуваме базени и спа-центри, кои во себе кријат голем број патогени. Раната есен, од своја страна, носи поладни утра и големи температурни разлики во тек на само еден ден, што само по себе значајно го зголемува ризикот од настинка. Статистиката вели дека уринарните инфекции се втора најчеста причина за посета на лекар кај женската популација. Најчеста уринарна инфекција е воспалението на мочниот меур (цистит), кое се појавува кај околу две третини од жените барем еднаш во животот, а дури во 25 отсто од случаите инфекцијата се повторува.
Циститот претставува уринарна инфекција што најчесто е предизвикана од бактеријата ешерихија коли, која природно е присутна во човечкиот дигестивен тракт. Поради анатомската блискост на отворите на дигестивниот и урогениталниот тракт кај жените, честопати уште во детството, бактеријата ешерихија коли го населува урогениталниот тракт. Сепак за да дојде до воспаление е потребно бактериите да се размножат во доволен број, а ова се случува како резултат на намален локален имунитет на мочниот меур. Причините за пад на урогениталниот имунитет, покрај влажната облека, ладната вода и настинувањето, се и: сексуално преносливи патогени (незаштитен полов однос), физичка иритација на мочниот меур (бубрежни камења, катетеризација, цистоскопија), одложување на потребата за мокрење, слаба подвижност, уринарна инконтиненција, БПХ (мажи), бременост, дијабет и секако долготраен стрес.
Бидејќи циститот е, најчесто, упорна и повторлива состојба пациентите го препознаваат по појава на: потреба за итно но отежнато и болно мокрење, печење и крв при мокрењето, болка и/или грчеви во долниот дел на стомакот над срамната коска. Овие симптоми се доста болни и знаат да го спречат болниот во извршувањето на домашните и работните обврски во период од 2 до 3 дена. Нетретираниот или погрешно третиран цистит ќе води кон чести повторувања на инфекцијата (во просек на околу 45 дена – 6 месеци) како и до опасност од инфекции на бубрезите (пиелонефрит). Особено се важни откривањето и третманот на уринарните инфекции кај бремените жени поради опасност од пукање на плодовите обвивки и предвремено породување. Поради сево ова е многу важно чувствителните личности да работат на превенција на уринарните инфекции, а во случај на нивна појава соодветно и доволно долго да се третираат.
Во превентивна смисла може значајно да помогне соодветен хигиенодиететски режим, кој подразбира: квалитетен ноќен одмор, внесување на 2-3 л вода дневно, редовен внес на овошје (брусници, праски, јаболка) да не се одложува потребата на мокрење, комплетно измокрување (со мускулна масажа), користење кондом при полов однос и мокрење по секој полов однос, хигиенско бришење (од напред кон назад). Доколку дојде до појава на симптоми на цистит (или друга уринарна инфекција) важно е да се потврди дијагнозата кај вашиот матичен лекар или гинеколог, а во некои случаи преку уринокултура да се утврди точниот бактериски причинител. Ординираната антибиотска терапија треба да се зема доволно долго, и тоа не само до исчезнување на клиничките симптоми туку до искоренување на инфекцијата преку ерадикација на причинителот, за да не дојде до појава на рецидив.
Иако изборот на антибиотикот е на лекарот и зависи од направениот антибиограм, поради сѐ поголема бактериска резистенција, тренд е да се избегнуваат стандардните антибиотици со широк спектар (пенцилини, цефалоспорини, макролиди, кинолони) и да се користат соодветни уринарни антибиотици и уроантисептици (фосфомицин, нитрофурантоин), кои имаат конкретно дејство во мочниот меур и минимална штета на другите системи. При антибиотската терапија задолжително треба да се користи соодветен пробиотик за да се намалат нуспојавите (антибиотски асоцирана дијареа) и тоа најчесто 3 часа пред или по антибиотикот. Корисно е да се земаат и додатоци во исхраната на база на Д-маноза и специјални пробиотици (S.boulardii) во период од 1 недела до 6 месеци, бидејќи значајно ја зголемуваат ефикасноста на антибиотската терапија преку намалување на концентрациите на ешерихија коли во мочниот меур и цревата, и спречуваат повторување на инфекциите.
Читателите на „Нова Македонија“, од денеска, секој четврток, ќе имаат можност на оваа страница да ги следат советите и размислувањата на магистерот по фармација и топедукатор Филип Ачкоски.