Тајна расправа, јавен срам

Што и да се крие во извештајот не може да биде поголемо од срамот на кој генераторите на оваа, засега, сѐ уште само афера ја изложија државата и продолжуваат да ја изложуваат токму со ваквите постапки обвиткани со тајност. Впрочем, како што во изминативе четири години се одвиваат нештата околу таканареченото специјално јавно обвинителство, можеби посоодветно ќе беше ако го наречеа специјално тајно обвинителство

Извештајот на Советот на јавни обвинители со кој се бара разрешување на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева во Собранието не стигнал како класифициран, туку еден ден подоцна бил доставен нов допис со кој тој се прогласува за таен, објави претставник на опозицијата, кој најави оти ќе инсистира на симнување на ознаката „тајно“ пред за денеска најавениот почеток на комисиската расправа за извештајот. Мошне храбар гест на опозиционерот, кој до пред неколку години, веројатно, самиот со себе не би се согласил, но тоа веќе е друга тема.

И новоназначениот претседател на Советот на јавни обвинители, Ацо Колевски, ја искористи промената на позицијата за да објасни дека тој не е потпишан ниту на извештајот, ниту на дописот за класификација, бидејќи тие до Собранието се испратени пред тој официјално да стапи на функција, со веќе видени маневри. Сега веројатно ќе следува расправа дали пратениците треба да гласаат за декласификација на документот или за тоа треба да решава Советот на јавни обвинители, што исто така, е веќе видено.

Јавноста, барем во прв момент, не реагираше на овој обид за затворање на парламентарна расправа за разрешување на Јанева, кој има големи шанси и да се оствари, колку поради летните шеми, толку веројатно и поради високиот праг на толеранција не само кон криминалот и корупцијата на сите нивоа, туку и кон нетранспарентноста на државните органи, кршењето на законските процедури и на секакви форми на политичката манипулација. Впрочем, токму таквите тајни расправи, тајни средби и тајни документи и ја изродија корупцијата, ја намножија до размери што веќе е неизводливо таа да биде сведена на некое, според критериумите на нормални општества, подносливо ниво.

Јавноста, барем во прв момент, не реагираше на овој обид за затворање на парламентарна расправа за разрешување на Јанева, кој има големи шанси и да се оствари, колку поради летните шеми, толку веројатно и поради високиот праг на толеранција не само кон криминалот и корупцијата на сите нивоа, туку и кон нетранспарентноста на државните органи, кршењето на законските процедури и на секакви форми на политичка манипулација. Впрочем, токму таквите тајни расправи, тајни средби и тајни документи и ја изродија корупцијата, ја намножија до размери што веќе е неизводливо таа да биде сведена на некое, според критериумите на нормални општества, подносливо ниво

Дали она што произлезе од Советот на јавни обвинители и што, по сѐ изгледа, деновиве ќе се случува во Собранието е суштина за Законот за класифицирани информации и дали е исклучиво во функција на заштита на истрагата, на јавноста најверојатно никогаш никој нема директно да ѝ одговори, а да не ризикува притоа да биде прочитан како, најблаго речено, невешт манипулатор и затскривач на вистината. Но она што веќе сега се наѕира зад целата постапка е дека тоа сигурно не е заради заштита на ликот и делото на Катица Јанева, туку на многу поинтересни ликови и (зло)дела бидејќи досега барем е јасно дека таа е само спореден лик во целата приказна и дека, како непосакувано мртвороденче, веќе е фрлена низ вода. Што се однесува до други евентуално инволвирани лица во аферата, тие што во случајот се прогласија за надлежни да ги гонат, досега имале цело лето за да ги уловат сторителите и да обезбедат докази, така што ни заштитата на истрагата не е некој аргумент за тајноста.

Што и да се крие во извештајот не може да биде поголемо од срамот на кој генераторите на оваа, засега, сѐ уште само афера ја изложија државата и продолжуваат да ја изложуваат токму со ваквите постапки обвиткани со тајност.

Впрочем, како што во изминативе четири години се одвиваат нештата околу таканареченото специјално јавно обвинителство, можеби посоодветно ќе беше ако го наречеа специјално тајно обвинителство. Така, целосно ќе беа заштитени сите актери во политичката тралалајка со која, по сѐ изгледа, треба да се избегне вистинскиот кривичен прогон на криминалот и корупцијата на највисокото ниво. Зарем на актуелната владејачка гарнитура сѐ уште не ѝ допираат до умот укажувањата дека е на лош пат во борбата против корупцијата, дека правосудството сѐ уште е неефикасно и политизирано, дека правдата се применува селективно…? Зарем системските пречки за транспарентност на правосудните органи не се доволни па сега треба да се поставуваат и дополнителни бариери за задоволување на јавниот интерес? Тоа е недозволиво, особено во случајот „Рекет“, кој, поради неговото значење и комплексност, треба да биде тест не само за правосудството, туку и за актуелната власт, пред домашната и меѓународната јавност, а кој токму тие, од за многумина сѐ уште неразбирливи причини, го ставија во јавниот фокус.

[email protected]