Најголемата економска конференција во Централна и Источна Европа, со учество на над 4.500 гости, политичари, шефови на држави, економисти, експерти, научници, бизнисмени, од целиот свет, ќе почне денеска и ќе трае во следниве три дена, а ќе се одржува во малото планинско место Криница-Здруј во Полска.
Мисијата на форумот е да создава поволна клима за развој на политичка и економска соработка помеѓу земјите-членки на Европската Унија и нејзините соседи.
Економскиот форум, кој годинава ќе се одржи по 29. пат, ќе започне со дискусија за економијата, за здравствената грижа, како и со презентација на економскиот форум и Варшавското училиште за економија.
На форумот утре ќе учествува и Ива Купрешак, претседател на здружението за регионален развој и ќе зборува на панелот „Креативни проекти – клуч за конкурентноста на претпријатијата и регионите“.
Три дена малото гратче во Полска, познато по зимските спортови скијање и хокеј на мраз, но и по прекрасните планински пејзажи, ќе го претставува светот во мало. Една од носечките теми годинава е насловена „Мисли иновативно“.
Креативноста и иновативноста се клучни за конкурентноста и растот на европската економија. Професорот Улрих Ванберг ќе зборува на една од дебатите на „Иновативна Централна Европа – нови можности за соработка во регионот“. Важно е сите земји од регионот да соработуваат во развивањето на иновациите и одржливите ресурси.
Дискусијата ќе ја модерира Рената Ана Јакса, директор на Европскиот центар ИЦЕГ од Унгарија.