проф. д-р Кирил Темков
Покрај важните нешта, секогаш има нешто што е поважно и нешто што е најважно. Станува збор за оние нешта што имаат значење за нас и за другите, бараат од нас внимание и исполнување, особена посветеност. Тие имаат поголема вредност од другите нешта за кои не треба секогаш да се води сметка. Важното се изделува, истакнува, го забележуваме и му оддаваме признание, го следиме и го поставуваме како морална и животна светилка што нѐ води.
Човекот вреднува и избира. Меѓу вредните нешта, некои заслужуваат уште поголемо внимание и интерес. Ако имаме љубов за нив, ќе се потрудиме да ги реализираме. Сметаме дека тие се поважни од другите нешта и поради тоа имаат предност во нашиот избор, чувства и внимание.
Но и меѓу важните нешта, некои се најважни. Најдолу се најобичните, кои се и најмногубројни. Над нив се извишуваат оние со особена вредност, а со секоја скала вредноста се зголемува. Оние што имаат најголема важност се на врвот. Тие се најсакани и најнеопходни, правилни и незаобиколни.
Такво е на пример здравјето. Тоа е многу корисно, зашто овозможува да живееме лесно и затоа секој од нас треба да ги вложи сите усилби за да го чува своето здравје, а ако е нарушено, да го подобри.
Такво највредно нешто е и љубовта, која ни открива кои сме, како
се однесуваме кон другите и кон светот, што носиме во себе и каква ни е душата. Љубовта значи дека имаме чувства и сила за чесно однесување, кои
сакаме да ги споделиме со некое друго суштество. Кога сакаме, немаме страст
за поседување, туку се стремиме да даваме и да допреме до највисоките дострели, лично и со саканото суштество. И чистото пријателство, како посебен вид љубов, е слично на тоа.
Такво вредно нешто е учењето, кое нѐ издига над нашата обичност и секојдневие. Тоа ни ги отвора протите на знаењето и на моралноста, нѐ прави подобри луѓе.
Таква висока етичка вредност е и несебичноста. Тогаш сме отворени за сите други луѓе и не мечтаеме за ништо освен за доброто на другиот.
Таква возвишена добрина е и добрата мисла. Ако ја имаме, или сме личност со добра волја, се истакнуваме меѓу луѓето со својата внатрешност, посакувајќи им само добри нешта и очекувајќи за себе и за сите луѓе само радосни случувања.
Таква етички силна појава е и верата. Во неа се споени силата на надежта и увереноста во убавината на животот, заедно со моќта да се совладаат негативните околности и притисоци.
Меѓу најважните вакви појави е и силната етика. Таа претставува непоколебливост во изборот на доброто наспроти злото и настојувањето секогаш да бидеме на страната на доброто.
Тоа се најважните нешта во животот и во етиката. Тоа е врвот на човековата пирамида на вредностите.
Етичка мисла
Не пропаѓа само она што не живее само за себе.
Лао Це, кинески мудрец