Грција треба да се обиде да ја искористи нормализацијата на односите со Скопје за да оствари геополитички придобивки и да го наметне своето влијание во регионот, каде што и Турција се обидува да ги оствари нејзините цели, сугерира грчкиот весник „Катимерини“ во колумната насловена „Од Тирана до Скопје“.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја финансираше изградбата на спомен-обележјето на „мачениците од 15 јули“ во централниот парк на Тирана, во чест на турските граѓани кои ги загубија своите животи во неуспешниот воен удар во 2016 година.
Спомен-обележјето е дел од пошироките напори на Анкара за инфилтрирање на Балканот. Ердоган исто така ја користи религијата како клучен инструмент во овој обид, што го докажуав и финансирањето на Турција на најголемата џамија на Балканот која моментно е во изградба во Тирана.
Додека Турција го предаваше споменикот на граѓаните на Тирана, властите во Македонија поставија плакета на споменикот „Александар Велики“, кој се наоѓа на централниот плоштад во Скопје, во која се објаснува дека античкиот крал припаѓа на историјата и цивилизацијата на античките Грци.
Слични плакети беа прикачени на споменикот на таткото на Александар, Филип Втори и неговата мајка Олимпија.
– Овие две неповрзани, но истовремени случувања, ја истакнуваат динамиката што се развива во поширокиот регион на Грција, почетната рамнотежа на моќта, ризиците кои постојат, како и можностите. Напорите на Турција да ја зголеми својата дипломатска моќ на Балканот и да го прошири исламското влијание во регионот го привлекуваат вниманието на Атина, која има сопствени причини поради кои сака да го зголеми влијанието, за да изгради нова врска со Скопје – пишува грчкиот весник.
Со економските и комерцијалните придобивки за двете нации одделно, се појавува геостратешка оска во срцето на Балканот, која исто така е активно поддржана од Европската Унија и алијансата на НАТО.
Во овој контекст, грчките радарски системи го надгледуваат воздушниот простор на Македонија до српската граница и грчките авиони патролираат во областа, што доведе до разочарување на Турција, која ја сакаше оваа улога за себе.
Оставајќи го зад себе домашното незадоволство поради Преспанскиот договор, Атина има многу причини да ги искористи геополитичките придобивки од целосната нормализација на нејзините врски со Скопје, заклучува „Катимерини“.