Фото: Дарко Андоновски

Македонските ракометари синоќа разигруваа за пласман од 9-та до 16-та позиција, каде што за противник повторно ја имаа Аргентина, од која во фазата по групи, загуби со 20-23

Македонската машка кадетска ракометна репрезентација (до 19 години) не успеа да ја мине осминафиналето фаза на Светското првенство (СП) што се игра во Скопје. Избраниците на селекторот Данило Брестовац го одиграа најдобриот натпревар во досегашниот тек од шампионатот, но им недостигаа дисциплина во играта и спортска среќа за чекор напред.

– Ни недостигаше дисциплина во играта во клучните моменти, имавме премногу избрзани ситуации во завршните минути, а Португалија тоа знаеше да го казни. Овој натпревар многу ни значеше и свесни сме дека ја разочаравме публиката, но и себеси. Португалија одигра одлично, а ние од овој меч треба да извлечеме поука за во иднина – смета капитенот на македонската селекција Мартин Серафимов.

Свесен за лошата игра и слабото издание на македонскиот состав е и селекторот Данило Брестовац.

– Знам дека постои разочарување, но ние сме селекција од дивизија Б и треба да тежнееме што побрзо да дојдеме до посакуваната дивизија А. Задоволен сум од играта на ракометарите од десната страна, како и од голманите. Проблематични ни се левата и централната бековска позиција. Ќе имавме подобар успех доколку, покрај Мартин Серафимов, Никола Костески и Марко Кизиќ, профункционираше уште некој од играчите. Исто така на нашите ракометари им е потребна и поголема минутажа во клубовите каде што настапуваат заради поголемо искуство – вели Брестовац.
По поразот од Португалија, Македонија синоќа разигруваше за пласман од 9-та до 16-та позиција, каде што за противник повторно ја имаше Аргентина, од која во фазата по групи загуби со 20-23.

Покрај за Македонија, осминафиналната фаза беше „рампа“ и за селекциите на Хрватска (која групната фаза ја заврши на првата позиција без пораз), Словенија, Норвешка, Шведска, Тунис, Аргентина и Јапонија.

Египет, Исланд, Германија, Унгарија, Франција, Португалија, Шпанија и Данска се репрезентациите што обезбедија место во синоќешните четвртфинални дуели и со тоа влегоа во борба за пласман во полуфиналето и трката за медали. Селекцијата на Франција ја брани светската титула, освоена на СП во Грузија во 2017 година. 


Нигериецот Фарук Јусуф ќе игра за Бутел

Најдобриот стрелец во составот на Нигерија, 15-дишниот десен бек Фарук Јусуф, останува во Македонија. Младиот и талентиран Нигериец, кој потекнува од нигерискиот клуб Сокото академи договори четиригодишна соработка со суперлигашот Бутел, на чии подготовки ќе се приклучи на почетокот на септември. Во шесте одиграни меча за нигериската репрезентација на ова СП, Јусуф беше стрелец на 40 гола.


Челниците на ЕХФ и ИХФ во Скопје

Дел од завршницата на СП во Скопје следат, но и ќе му бидат гости на претседателот на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), Живко Мукаетов, претседателот на Европската ракометна федерација (ЕХФ), Михаел Видерер (кој ги следеше осминафиналните дуели во СЦ „Јане Сандански“ и СЦ „Борис Трајковски“) и претседателот на Светската ракометна федерација (ИХФ), Хасан Мустафа (кој пристигна во пресрет на четвртфиналните дуели).


Пласман – Президент-куп
17. Бахреин
18. Кинески Тајпеј
19. Србија
20. С. Арабија
21. Бразил
22. Чиле
23. Нигерија
24. Канада

Дуели за пласман од 9-то до 16-то место
Словенија – Тунис
Норвешка – Шведска
Аргентина – Македонија
Хрватска – Јапонија

Четвртфинални двојки
Египет – Исланд
Германија – Унгарија
Франција – Португалија
Шпанија – Данска