Во црквата „Света Софија“ во Охрид, во рамките на „Охридско лето“, завчеравечер настапи хрватскиот октет „Игњац Фукс“, кој, како што посочуваат од фестивалот, „прозвучи прекрасно и со својата романтична мелодична интерпретација, поетика и емотивни бранувања создаде релаксирачка атмосфера“. Ова не беше првпат октетот да настапи на овој фестивал, а секој нивен настап се смета за празник за фестивалската публика.
– Блескавото музицирање избиваше од длабочината на осумтемина музичари, кои и годинава изненадија со изборот на програмата, со која се претставија во акустичната црква. Тие го избраа првиот романтичен композитор, Франц Шуберт (1797-1828), кој во својот краток животен век од 31 година напишал околу 600 соло-песни, симфонии и камерни дела од голема уметничка вредност – укажаа од „Охридско лето“. Член на октетот е македонско-хрватскиот контрабасист Илин Диме Димовски, кој е и иницијатор за формирање на ансамблот „Игњац Фукс“ и негов уметнички раководител. Името на ансамблот е всушност првото име на познатиот хрватски композитор Ватрослав Лисински.
– Годинава дојдовме како октет и го отсвиривме Октетот на Шуберт во Еф-дур Д 803, кое е едно од најмонументалните дела во камерната класична музика. Станува збор за многу познато дело во класичните кругови што траеше час и половина. Шуберт е еден од најголемите композитори на класична музика и со големо задоволство го изведовме тоа дело. По потреба, поради концерти, турнеи и проекти, ние го менуваме составот на ансамблот, односно бројот на членови, но основните членови секогаш се трудиме да ги задржиме – изјавил Димовски. Минатата година овој музички состав настапи на „Охридско лето“ како квинтет со дела од класичната и неокласичната музика.
„Игњац Фукс“ е мешовит камерен ансамбл, кој е формиран во јуни 2016 година по иницијатива од Диме Димовски и на српскиот кларинетист Александар Тасиќ. Тој е флексибилен ансамбл каде што членуваат најистакнатите класични музичари од бившите југословенски простори, како што е и случајот со ансамблот на „Но бордерс оркестра“, каде што всушност Тасиќ и Димовски и се запознале. Неговата флексибилност значи дека има поголема уметничка слобода во креирањето на програмата за еден концерт и помага во промовирањето на камерната музика, која се смета за врв на западнокласичниот музички израз. Следната година „Игњац Фукс“ ќе реализира голема балканска турнеја како гудачки квинтет и дувачко трио со кларинет, фагот и хорна.