Македонската кадетска кошаркарска репрезентација (до 16 години), не успеа да се пласира во четврт-финалето на Европското првенство (ЕП) во Удине, Италија, откако убедливо беше поразена од соодветната селекција на Русија со 45-70 (7-11, 11-19, 7-16, 20-24).
Со овој трет пораз, македонските надежи до крајот ќе се борат за пласман помеѓу 9-то и 16-то место, односно за опстанок во оваа најсилна конкуренција. А за тоа, им беше потребна победа на вчерашниот меч со БиХ. Евентуален пораз, пак, би го довел во прашање опстанокот во најелитното друштво. Со оглед дека три селекции се селат во дивизијата Б, тогаш ќе биде потребно да се впишат две победи на последните два меча.
Во македонскиот состав најефикасен беше Андреј Митревски со 14 коша.
Како што е познато, жолто-црвените, предводени од селекторот Денис Дервишевиќ, на ова ЕП ја совладаа само Летонија (64-53), а загубија од Шпанија (61-57), Израел (90-99) во групната фаза, како и од Русија.
Кадетките почнуваат со Холандија на ЕП
Женската репрезентација на Македонија (до 16 год.) во следните 10 дена ќе настапи на Европското првенство во кошарка, дивизија Б, што се одржува во Софија. Тие скоро два месеца се подготвуваа во Скопје и во Маврово, а одиграа и неколку пријателски дуели.
Македонките се во групата Д, всушност единствената група што има пет селекции (Луксембург, Холандија, Бугарија и Украина).
Во денешното 1. коло, Македонија ќе игра со Холандија, в сабота со Бугарија, в понеделник со Луксембург, а во групната фаза, која ќе заврши во вторник, против Украина.