Неколку илјади пожарникари се борат со шумски пожари во Грција, а најголемиот е на островот Евија, северно од Атина, кој и натаму е надвор од контрола, пренесува агенцијата „Танјуг“.
Сепак, според денешните информаци во грчките медиуми, ситуацијата е малку подобра во споредба со претходните денови.
– Се чини дека ситуацијата е подобра, пожарникарите направија големи, „натчовечки“ напор – изјави регионалниот гувернер за цернтрална Грција, Костас Бакојанис, за телевизијата „Скај“.
Бакојанис рече дека пожарите биле исклучително тешки за гаснење, но истакна дека во нив не се загрозени човечки животи.
Во Грција избувнаа 56 пожари во рок од 24 часа меѓу понеделникот и вторникот.
Весникот „Катимерини“ пожарот во централна Евија го нарече голема катастрофа за животната средина. Пожарот зафатил реон од 12 километри, поради што прогласена е вонредна состојба.
Пожарот на островот Евија синоќа беше надвор од контрола во близина на селата Макримали, Контодеспони, Платани и Ставрос, чии жители беа евакуирани заедно со монасите од еден манастир.
Вкупно евакуирани се околу 500 жители од областа. Некои беа пренесени со полициски автобуси, додека други користеа свои возила.
Пожарот го гаснат 280 пожарникари, доброволци, војници, шест канадери и шест хеликоптери.