Учесниците вклучени во проектот „Јас го сакам Кичево“, кој се состоеше од три активности, деновиве ги добија своите сертификати како доказ дека биле активно вклучени во овој проект што летово беше реализиран во градот. Со овој потфат, најпрво во центарот на Кичево, од страна на учесниците беше извршено партерно сликање и изработка на еден поден мурал, потоа на зградата на поранешната Македонска банка, на еден ѕид, беа насликани голем број срциња, како доказ за неограничената љубов кон родниот град, а третата активност беа муралите насликани на спортската сала во гимназиите „Мирко Милески“ и „Дрита“.

– Волонтерите што беа вклучени во трите активности поврзани со проектот со работен наслов „Јас го сакам Кичево“ ги добија сертификатите, со кои се потврдува дека биле вклучени во трите активности што го сочинуваа овој проект. При првата активност, во центарот на градот партерно беше насликан плоштадот и беше изработен еден поден мурал, потоа еден ѕид од поранешната Македонска банка, кој порано служеше за лепење плакати, беше облагороден со тоа што најпрво го бојосавме во бела боја, а потоа на него насликавме и голем број срциња, како доказ за тоа колку го сакаме нашиот град. Третата активност со која го заокруживме овој проект ја спроведовме на еден ѕид од спортската сала на средните училишта, нацртавме повеќе птици и други мурали, со што уште еднаш ја потврдивме главната порака на целиот проект „Јас го сакам Кичево“ – истакна Албина Сефадини, координаторка на проектот.

Таа најави дека и следните години со слични проекти ќе бидат разубавени и други ѕидни површини во градот, со што Кичево ќе добие и сосема поинаков, европски, лик. Сефадини очекува во наредните проекти да се вклучат и нови волонтери, кои ќе дадат полн придонес во имплементацијата на новите содржини.


Кичево домаќин на Меѓународниот ден на младите

По повод Меѓународниот ден на младите, 12 август, а во организација на Европската младинска асоцијација, вчера во Кичево како град-домаќин, се случија неколку активности: возење велосипед низ градските улици, екоакција за уредување на една локација во градот, доделување сертификати за учесниците на овој настан и кинопроекција на отворен простор, во кампот на извидничкиот одред „Мирко Милески“.
Меѓународниот ден на младите, 12 август, чиј домаќин првпат е Кичево, беше збогатен со повеќе настани. По отворањето се одржа велосипедска трка низ градските улици, потоа на учесниците на овој настан им беа врачени и сертификати, а на еден локалитет во градот имаше екоакција за уредување екокатче во кругот на гимназијата, а денот на младите беше заокружен со кинопроекција на отворено, во кампот на извидничкиот одред „Мирко Милески“.
– Темата на Меѓународниот ден на младите за годинава е „Трансформирање на образованието“ и ги истакнува напорите да се направи образование, перманентно, правилно и инклузивно, за сите млади вклучувајќи ги и напорите на младите – истакнаа од Европскиот младински тим, кои беа организатори на овој ден.
На 17 јануари 1999 година Генералното собрание на Обединетите нации co резолуција ја усвои препораката на Светската конференција на министрите одговорни за младите (Лисабон, 8-12 август 1998) дека 12 август ќе се прогласи како Меѓународен ден на младите.
Во 2007 година Македонија првпат го одбележа овој ден со низа активности, кои го истакнуваат значењето на младинското учество и промоција на младите како активни чинители во општеството.