Свети Тома Неверни заштитникот на архитектите повторно меѓу архитектите

Вангел Божиноски

Се јавувам од една невозможна земја…

„Скали што не водат никаде се искачуваат околу куќата… нема впрочем ни прозорци ни врата… над покривот се гледаат сенки што се фрлаат во празнината… тие паѓаат една по една… но… не загинуваат… брзајќи по скалите угоре тие пак се искачуваат… и одново… започнуваат вечно… маѓепсани од музичарот, кој свири на виолина со хистерични раце, кои непослушно врескаат…“ Редовно со спокоен ритам ја слушав оваа порака на националното радио на оваа невозможна земја. Според правилото на службата, прво решив да ја пронајдам оваа невозможна градба следејќи ја навиката, која овде скоро редовно носела резултат: СЀ ШТО СПОРЕД РАЗУМОТ Е НЕВЕРОЈАТНО, ВО ОВАА НЕВОЗМОЖНА ЗЕМЈА Е ИЗВЕСНО.

Мојата прва асоцијација беше дека станува збор за некоја зграда на државната власт и таа асоцијација донесе одреден резултат: метафорично, можеше да биде објектот на Владата, објектот на парламентот… и… може да се успокоиме дека е точно бидејќи во тие објекти суштествуваат сенки, кои според одреден редослед се искачуваат до врвот, потоа се фрлаат и не исчезнуваат туку повторно се качуваат… и точно е: ги води еден виолинист, кој мисли дека знае што свири, но произведува само хистерија кај народот… АРНО АМА… Објектите на овие синоними на власта се целосно реални и имаат и прозорци и врати, а скалите сепак архитектонски водат нагоре иако често до безизлез…

Објектот од радиската порака го открив откако се ослободив од мистериите на метафората и метонимијата. Дедо Мате Костојчин велеше: НЕ ПРАШАЈ ГАТАЛЕЦ – ПРАШАЈ ПАТАЛЕЦ! Го прашав уредникот на радиоемисијата за која градба станува збор низ зајмените сеќавања на ПЈЕР… и тој ми ја даде адресата…

На едно возвишение каде што неверувањето доаѓа само, среде непрегледен насад од лоза обрасната со заборав… простум… КУЌАТА. Нема прозорци… Нема врата… и… има скали… без почеток… без крај… и… преполна е со сенки. Недостига само виолинистот!? Гроздоберот е одамна завршен. Куќата не е ни блиску до вообичаените патишта на секојдневноста… Јас бев уверен дека тука мора да има макар беден музикант… Скриен на некое скалило ЕДЕН со голем дрвен шестар во раката (веројатно заборавено сеќавање од некое ОУ) и, висок обесен на еркерот и, како надзорен орган низ несредено градилиште прави складни движења во просторот на торзијата… Нели Питагора зборуваше за музиката на сферите, делејќи ја на прекрасни соодноси струјната гранка на празнината?…

Непознатиот беше подготвен да објасни… дека е тука да ја потврди акустиката… дека е тука да ја потврди високата вредност на оваа невозможна архитектура… и дека е тука за да ги доврши сите потребни поединости околу прославата на 26-годишнината од возобновата на празникот СВЕТИ ТОМА НЕВЕРНИ, патронот на АРХИТЕКТИТЕ!
„Ако Синот Божји со смртта ја победи смртта, Тома апостолот со недоверба ја победи НЕДОВЕРБАТА!“ – изрецитира.

Прашав кога ќе биде. Нешто зашумоле меѓу вознемирените сенки.
„Тие очекуваат… но, КУЌАТА се колеба… во секој случај СЕГА!“
Ваков одговор подразбира повеќе прашалници: „Каде се поканетите, каде се свеченоговорниците, каде се свештенослужителите, каде се рефлекторите,сценографијата, мед и ум… СЕГА… КОГА СЕГА?“
Непознатиот конечно го препозна странецот во мене и ме замоли во мојот извештај да ја испорачам оваа негова приказна. Приказната ја пренесувам во целост:
„На 19 Листопад 1993 по Богомладенецот соодветниот невозможен Сојуз како дел од невладината понуда на оваа невозможна земја донесе одлука за возобнова на еснафскиот празник на градителите според традицијата поврзан со апостолот Тома, кој не беше подготвен да верува кога другите веруваат сѐ додека сам не се увери. Но интересно откако поверува ТОМА го посвети животот на суштината на архитектурата или ВЕРА ВО ИДЕЈАТА, ДОВЕРБА ВО НАРОДОТ И МЕЃУ НАРОДОТ и ВЕРА ВО ТРАДИЦИЈАТА. Одлуката на невозможниот Сојуз содржеше и симболична локација за прослава: СИДРО… сидрото на бродот Скопје веднаш на левиот брег на ВАРДАР под Јустинијановиот мост. Сценариото предвиде покани, свештеници, соодветни реликвии, присуство на медиуми… Медиумите беа присутни… свештените лица со соодветните реликвии го чекаа само својот час… Скопските архитекти не дојдоа на свеченоста – НЕДОВЕРБАТА во изобилство ја насели празнината…“
Во невозможна земја – невозможна прослава. (ЗМ)

„Одговорното лице за прославата и свештениците се погледнуваат. Одговорното лице се обраќа до епископот со зборовите: Оче просторот е преполн со присутните од минатото и образите што надоаѓаат од иднината, ЈА ЗАПОЧНУВАМЕ ПРОСЛАВАТА!
Обраќањето започна како пред илјадници горди градители, кои според македонската традиција веруваат дека САМО АКО Е НЕВОЗМОЖНО ИМА СМИСЛА ДА се ГРАДИ! СВЕШТЕНИЦИТЕ ЗАПЕАЈА… ИЖЕ ХЕРУВИМИ…. по скалите… од Јустинијановиот мост се истурија на плоштадот… пред СИДРОТО на бродот Скопје… со двиг карактеристичен на младоста… студентите од Архитектонскиот факултет?! Неочекувано. Невозможно. Одеднаш.

СЛУЧАЈНОСТ! СУДБИНА!… Свеченоста го заслужи својот сјај. Свеченоста означи ПОБЕДА НАД НЕДОВЕРБАТА!“
Го оставив невозможниот музикант и ја пренесов приказната.
Невозможната куќа сѐ уште е верувам таму обиколена од лозарите. Досега таму не се одржа чествување на апостолот Тома Неверни. Не се повтори ни кај Јустинијановиот мост. Но слушам… утајум тајно… без знаење на пошироката архитектонска јавност, празникот на победата над НЕДОВЕРБАТА се преселил во Струмица под закрилата на света Богородица милостива.
СО НЕДОВЕРБА… ДА СЕ ПОБЕДИ… НЕДОВЕРБАТА!
Потребно и доволно предвреме: Најавувам невозможен настан во невозможна земја.