Босна и Херцеговина
Околу 70 отсто од родителите во Република Српска не плаќаат редовно алиментација, дваесет отсто плаќаат повремено, а само 6,9 отсто го плаќаат редовно надоместот за своите деца. Слични податоци има и за плаќањето алиментација на ниво на Федерацијата Босна и Херцеговина.
Од Општинскиот суд во Сараево, за „Аваз“, изјавија дека во тек на решавање се 47 предмети поради неплаќање алиментација. Во БиХ висината на алиментацијата е определена во износ од 90 до 350 конвертибилни марки. Најголем број од родителите плаќаат алиментација во износ од 200 КМ. Казната за нередовно плаќање е од 500 до 5.000 КМ.
Муамера Чињаревиќ, претседателка за здружението „Еден помалку“, вели дека жените не се доволно информирани дека можат кривично да се гонат лицата што не ја плаќаат алиментацијата или тоа не го прават затоа што немаат пари да отворат постапка пред надлежните институции.
– Важно е да се стави фокус на тоа дека алиментацијата им припаѓа на децата, а не на поранешниот партнер. Има голем број несовесни родители и ним мора да им се одземе пасошот, доколку тие не ја почитуваат судската пресуда – вели Чињаревиќ.
Таа предлага од државата да се формира алиментациски фонд од кој би се исплатувале обврските на несовесните родители, а потоа институциите да извршат наплата на овие побарувања.