Ако се направи анализа на бројот на склучени бракови на македонски државјани надвор од Македонија изминативе неколку години, се покажува дека само во последните пет години околу 10.000 млади луѓе од Македонија одлучиле својата иднина да ја градат надвор од државата. Тие семејства, според демографите, најверојатно се иселиле трајно од матичната држава, бидејќи во годините што следуваат нивните деца ќе се раѓаат, образоваат и ќе живеат во европските држави
Сѐ повеќе македонски државјани одлучуваат браковите да ги склучат во странство. Ова го покажуваат и последните статистичките податоци на Државниот завод за статистика за минатата година, кога во Македонија биле склучени вкупно 13.494 брака, а надвор од земјава биле склучени дополнителни 1.295 брака, во кои најмалку еден од сопружниците е македонски државјанин, но во најчест случај и двајцата се македонски државјани. Тоа значи дека околу 10 отсто од браковите на македонските државјани се склучени надвор од нивната матична држава. Овој податок, според демографите, е само потврда на еден од показателите за големиот број младо население, кое се иселува од државата, а семејството го оформува надвор, претежно во некоја од странските држави.
Ако се направи анализа на бројот на склучените бракови на македонски државјани надвор од Македонија изминативе неколку години, тоа покажува дека само во последните пет години околу 10.000 млади луѓе од Македонија одлучиле својата иднина да ја градат надвор од државата. Тие семејства, според демографите, најверојатно се иселиле трајно од матичната држава, бидејќи во годините што следуваат нивните деца ќе се раѓаат, образоваат и ќе живеат во европските држави.
Сепак, останува дилемата зошто никој во Македонија не се занимава со феноменот на демографските трендови и движења на населението, како и со тоа кои се главните причини за ваквите бројки. Дали причините за овој тренд се од глобален карактер или, пак, одлучувачки фактор се економската (не)моќ на населението и иселувањето?
Демографот Дончо Герасимовски вели дека ваквите бројки се тренд веќе неколку години и се доказ дека младите не се иселуваат од земјата само поради школување, вработување, односно привремена заработка, туку со склучувањето на брак во странска држава, тие веќе се одлучиле тоа место да им биде постојано живеалиште.
– Тие млади тешко дека ќе вратат во земјата. Доказ за тоа е што последниве години се зголемува и бројот на родени деца во странство од родители што се македонски државјани. Сепак, мора да се истакне дека овие податоци не влегуваат во статистиката на вкупен број склучени бракови или родени деца во земјава – објаснува демографот Герасимовски.
Трендот на иселување на младото население е најпоразителниот податок за иднината на државата. Сите истражувања укажуваат на тоа дека повеќе од 70 отсто од студентите својата иднина ја гледаат во европските држави. Македонија, како и други држави од Балканот, не успева да најде начин како да ги задржи младите луѓе. Тоа, пак, според демографите, води само кон фактот дека Македонија станува држава на стари лица и држава без сериозно население што може да биде двигател на економскиот развој на државата.
Социолозите велат дека врз одлуките за родноста и планирањето на семејството влијаат актуелните и потенцијални фактори, како што се пристапот до социјална и здравствена заштита, нивото на сигурноста од финансиска независност (дали се вработени, на каков тип договор, во која дејност, со колкав семеен буџет), можноста за школување, за домување, како и бројноста и квалитетот на домаќинствата.