Мотивациски говори се шират и низ нашата држава
Речиси нема човек што не го слушнал славниот говор на Мартин Лутер Кинг и неговата реченица „јас имам сон“, или, пак, онаа на Черчил, „ќе одиме докрај“, со која ги мотивирал веќе доста демотивираните трупи во Втората светска војна. Токму мотивациските говори во време кога општествата се зафатени од летаргичност понекогаш овозможуваат активирање поединци да преземат одредена акција и да ги променат работите на подобро
Понекогаш е тешко да се направи првиот чекор, или пречките се премногу високи за да се поминат, па токму тогаш на човекот му се потребни неколку клучни инспиративни зборови, а тие се кријат во феноменот со таканаречените мотивациски говори, кои низ светот се практикуваат десетици години, а во последно време земаат замав и кај нас.
Една стара поговорка вели дека делата се посилни од зборовите, но не мора секогаш да биде така. Зборовите изговорени во вистинско време и со вистинска порака можат да го променат светот.
Речиси нема човек што не го слушнал славниот говор на Мартин Лутер Кинг и неговата реченица „јас имам сон“, или, пак, онаа на Черчил „ќе одиме докрај“, со која ги мотивирал веќе доста демотивираните трупи во Втората светска војна.
Токму мотивациските говори во време кога општествата се зафатени од летаргичност понекогаш овозможуваат активирање поединци да преземат одредена акција и да ги променат работите на подобро. Но се поставува и прашањето колку целите на мотиваторите се навистина искрени, дали тоа се прави да се пренесе личното искуство врз други или, пак, се прави од материјални побуди, со оглед дека сите оние што ги посетуваат овие сеанси треба претходно да уплатат соодветна котизација, која и не е толку мала.
Дека целата работа не е воопшто наивна сведочи и кривичната пријава поднесена за надрилекарство што хрватското министерство за здравство неодамна ја поднесе против една мотивациска говорничка од Сплит, која минатата година одржа неколку добро посетени предавања низ Балканот, но и во Скопје, а процените се дека токму од овие говори заработува и по 100.000 евра годишно.
Областите што се зафаќаат со мотивациските говори се повеќе, почнувајќи од верска, психолошка, гастрономска и бизнис-природа, но не недостигаат и други области, ако мотиваторите проценат дека може да соберат доволно публика. Проблематично е што никој не води сметка за тоа какви сертификати поседуваат лицата што ги држат ваквите говори, ниту, пак, дали присутните добиваат валидни и признаени сертификати и дали некаде воопшто би можеле да ги искористат.
– Се сеќавам дека некаде во 90-тите години на минатиот век доаѓаше некој Американец и држеше верски предавања за тоа како човекот да ја смири својата психа и да живее мирен живот. Не наплаќаше котизација за говорите, но продаваше книги, кои не беа многу евтини – вели Татјана Младеновска, економистка, која во тоа време била студентка.
Таа додава дека тогаш таквите мотивациски говори биле реткост, но дека последниве години зачестиле.
– Изминативе пет години, колку што се сеќавам, кај нас дојдоа неколку мотивациски говорници од регионов, некои од нив за бизнис-мотивација, а некои и за гастрономски совети. Мислам дека во тоа има добар бизнис, а колкава е ползата кај слушателите, навистина не би можела да знам. Кај мене лично, бидејќи присуствував на еден таков мотивациски говор, не предизвика некаков ефект, бидејќи сепак мотивацијата треба да ја пронајдеме самите и постојано да ја одржуваме, оти не може за секоја нова работа или пречка во животот, да мора да бараме некој однадвор да нè мотивира – истакна Младеновска.
Според психолозите, во ова модерно време преполно со стресови, личноста бара начини да се справи со негативните информации што ги добива од повеќе страни.
– Во ова време во кое животот е брз и полн со стресови, личноста бара механизми да се справи со негативните информации што често ги има во медиумите, а секако и во персоналниот живот. Во потрагата по позитивна содржина, мотивациските говори се одличен избор за покачување на оптимизмот. Луѓето сакаат поддршка, сакаат идоли што ќе им потврдат дека може да се успее и сакаат кај другите луѓе да ги гледаат особините што ги имаат или ги сакаат за себе, па токму затоа дали поради идентификација или поради друга потреба уживаат во ваквите говори – вели Јасмина Јонуз, психолог.
Таа смета дека мотивациските говори се мошне корисни за мотивација, инспирација и подигање на самодовербата.
– Но треба да сме многу селективни и претпазливи на какви информации ќе се потпреме. Интернетот е слободен за сите и секој се обидува да го искористи за маркетинг, што е сосема очекувано и оправдано, но кога се работи за чувствителни содржини, особено содржини поврзани со менталното и физичкото здравје, потребно е да сме претпазливи за професионалната заднина на говорникот – додава Јонуз.
Социолозите овој феномен го објаснуваат со потребата од директна комуникација меѓу мотиваторот и лицата на кои им е потребна мотивација.
– Постојат луѓе што имаат потреба од директна комуникација, а мотиваторот со својот говор допира до присутните на предавањата и им остава впечаток дека ги почитува. Токму тоа им е потребно за да им ја зголеми самодовербата – смета социологот Илија Ацески.
Тој додава дека ако се гледа генерално на овој феномен со мотивациските говори, може да се каже дека доколку посетителите на овие предавања немаат некаква полза, тогаш нема да имаат ниту штета.
Светските трендови не ја заобиколуваат ниту нашата земја, а да се слушне нечие искуство или совет, никогаш не пречи. Сепак, најважен е говорникот, бидејќи од неговиот кредибилитет зависи и тежината на она што го говори. Но уште поважно, мотивацијата се крие во секој човек, а тој, поставувајќи си реални цели, треба постојано да ја открива во себе.