На јубилејниот „Сараево филм фестивал“, за наградата „срцето на Сараево“, се натпреваруваат 53 филма. Македонија учествува во главната програма, со копродукција (албанскиот игран филм „Отворена врата“ на режисерот Флоренц Папас), во категоријата документарни филмови со „Медена земја“ и во категоријата краток филм со „Една“ на Вук Митевски
На 25. Сараевски филмски фестивал (СФФ), кој ќе се одржи од 16 до 24 август, за наградите ќе се натпреваруваат 53 филмски остварувања во различни категории, а во конкуренција за најдобар регионален игран филм се вклучени девет. Од дирекцијата на СФФ ја објавија деталната програма, во која е наведено дека меѓу филмовите што се во трка за „срцето на Сараево“ во категоријата игран филм ќе се натпреваруваат четири остварувања што ќе имаат светска премиера, едно меѓународна, а уште четири регионална.
За најдобар игран филм ќе се натпреваруваат грузискиот филм „А потоа танцувавме“ на режисерот Леван Акин, романскиот „Хеиди“ во режија на Каталин Митулеску, бугарскиот „Мачка во ѕид“ во режија на Мина Милева и Весела Казакова, романскиот „Мо“ на Раду Другомир, албанскиот „Отворена врата“ во режија на Флоренц Папас, турскиот „Приказна за три сестри“ на Емин Талпер, „Син“ на босанскохерцеговската режисерка Инес Тановиќ, босанскохерцеговско-холандската копродукција „Одведи ме на некое убаво место“ на Ена Сендијаревиќ и бугарскиот „Во круг“ на Стефана Командарев.
– Денес, кога Сараевскиот филмски фестивал слави 25 години постоење, натпреварувачката програма станува најголема и најзначајна платформа за промоција и развој на регионалните кинематографии, место за откривање нови филмски таленти и за реафирмација на веќе признаени регионални филмски творци. Програмата опфаќа автори и филмови од Албанија, Ерменија, Австрија, Азербејџан, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Кипар, Грција, Грузија, Унгарија, Косово, Македонија, Малта, Црна Гора, Молдавија, Романија, Србија, Словенија и Турција – најавија организаторите.
Инаку, албанскиот игран филм „Отворена врата“ на режисерот Флоренц Папас, кој ќе биде прикажан премиерно на 19 август, во главната програма на „Сараево филм фестивал“, е копродукција со Македонија („Авард филм и видео“). Продуцент е „Бункер филм плус“ од Албанија, а како копродуценти се јавуваат и „Сиркл филм“ од Косово и „Лупин филм“ од Италија. Во македонскиот дел од екипата учествуваат и актерот Висар Вишка, композиторот Александар Пејовски, Фејми Даут како прв асистент на камера, дизајнерот на звук Игор Поповски од студиото „Аудиохаус“, заедно со екипата на секторот звук, која ја сочинуваат: Ристо Алчинов, Илија Цветковски, Драган Спасов, Ненад Стефаноски и Леотрим Вока. Овој проект е реализиран со поддршка од националните филмски центри на Албанија и Косово и од „Еуроимаж“. Македонската премиера филмот ќе ја има во септември, во рамките на интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола.
За награда во категоријата документарни филмови се најде и македонскиот филм „Медена земја“ на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска, а во категоријата краток филм и филмот „Една“ на Вук Митевски, кој во Сараево ќе ја има регионалната премиера.