Некои лекции остануваат ненаучени
Потврда за лошата контрола на возилата на технички преглед се постојаните полициски акции низ земјава, каде што редовно се откриваат возила што се неисправни и покрај тоа што имаат потврда за техничка исправност
Повеќе од 2.000 неисправни возила сообраќале минатата година низ македонските патишта, со што директно им била загрозена безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
Токму ваквата статистика резултира и со редица сообраќајни несреќи со трагични последици. Особено за истакнување е онаа што се случи во февруари оваа година, кога во автобуска несреќа во близината на Ласкарци загинаа 16 луѓе.
Според податокот на Секторот за сообраќајни работи при МВР, во 2018 година полицијата при контролите на патиштата затекнала 2.014 неисправни возила.
Поведена од толку високата бројка на технички неисправни возила што учествуваат во сообраќајот, полицијата во април и мај оваа година направила повеќе контроли и во станиците за технички преглед, при што во седум случаи утврдила неправилности во работењето.
По сево ова се наметнува прашањето колку вистински се врши технички преглед врз возилата и дали е потребна постојана контрола врз работењето на станиците за технички преглед.
– Не сум убеден дека исто се контролираат сите возила на технички преглед. Така беше и порано, сите знаевме на кој технички контролорите потешко пуштаа возила и ги избегнувавме. Се случуваше да нè вратат и за неисправна светилка за позиција. Сега низ улиците може да забележите стари возила за кои мислиш дека во секој момент ќе се распаднат, а се регистрирани. Најверојатно некој им прогледува низ прсти – вели Милан С., таксист.
Според него, станиците за технички преглед за да привлечат што поголем број клиенти, често и не се многу ригорозни, што не оди во прилог на безбедноста во сообраќајот.
– Бев сведок на автобус што влезе на технички преглед пред мене. Бидејќи прозорецот од автомобилот ми беше отворен, се чувствуваше некаква миризба како на некое блокирано тркало. Автобусот го заврши прегледот за две-три минути, ниту му мереа количество на издувни гасови што ги испушта во воздухот, ниту, пак, му ги проверија трепкачите. Еден од контролорите се симна во каналот, прегледа нешто со батерија под возилото и толку беше. Мислам дека автобусите треба посериозно да се контролираат – додава Милан.
Потврда за лошата контрола на возилата на технички преглед се постојаните полициски акции низ земјава, каде што редовно се откриваат возила што се неисправни и покрај тоа што имаат потврда за техничка исправност.
– Потребно е да се прават повремени контроли на возилата низ целата држава, во зависност од процените за евентуална можна злоупотреба од страна на станиците за технички преглед. Може да се постапува и по допрен глас или слично, но да се разбереме, не е целта некој да се казнува, туку да се превенираат некои состојби – вели Борис Мургоски, професор на Факултетот за безбедност.
Тој додава дека е потребно да се подигне нивото на дисциплина и лична одговорност.
– Сообраќајот е динамична област и во него над 50 отсто од жртвите го губат животот без сопствена вина – нагласува Мургоски.
Од извори во една станица за технички преглед од каде што посакаа да останат анонимни, велат дека кај нив не се толерираат неисправни возила, но дека „се замижува“ за помали технички недостатоци.
– Во нашата станица се контролира буквално сè, особено уредите за управување, за сопирање, како и светлосните уреди. Тие се најважни за безбедноста во сообраќајот. Имаме толеранција околу количеството на штетни гасови што се испуштаат од издувите, но ако се држиме до нормите, тогаш по оваа ставка треба да исклучиме голем број возила. Едноставно ги советуваме возачите подобро да го калибрираат моторот или да го заменат катализаторот, но ретко кој го прави тоа бидејќи е скапо, а стандардот ни е низок – вели контролор во една станица за технички преглед.
Од МВР велат дека тие вршат постојани контроли врз работењето на станиците за технички преглед.
– Во периодот од 1.4.2019 до 31.5.2019 година на територијата на Република Северна Македонија од страна на МВР се направени вкупно 87 контроли во станиците за технички преглед, при што во седум случаи беа утврдени неправилности и пропусти во работењето за кои се преземени соодветни законски мерки – се вели во дописот од МВР.
Одговорноста за лошите состојби во сообраќајот е кај сите, така што единствен начин да се подобрат работите е сите алки во синџирот да профункционираат како што треба, од свеста кај граѓаните до професионалноста на вработените во станиците за технички преглед. Само така ќе имаме безбедни возила по патиштата и помалку жртви при евентуалните несреќи.