По три многу силни години, Бугарија забележа пад на резервации за одмор на сите поголеми пазари
Сликите на пусти плажи и редици на границата со Грција создадоа вистинска бура од коментари на социјалните мрежи, според кои се создава впечаток дека никој до домашните туристи веќе не оди на бугарското море. Сликите со долгите колони од автомобили на границата за влез во Грција го дополнуваат таквото чувство. Иако долгите редици на преминот Кулата се главно од зголемениот транзит низ Бугарија на туристите од Романија, Молдавија и Украина, сепак, неизбежен е заклучокот дека проблемот со летната сезона на Црно Море е повеќе од сериозен, пишува во својата анализа „Капитал“.
По три многу силни години, Бугарија забележа пад на резервации за одмор на сите поголеми пазари. Нема оптимизам дека тоа ќе се надомести со подоцнежни резервации. Генерираниот пад на главните пазари е околу 20 отсто. Лошите резултати од летната туристичка сезона речиси автоматски значат и лош резултат за целата година. Приморскиот туризам учествува со над 70 отсто од девизниот туристички прилив на Бугарија, која лани регистрира приходи од 8,4 милијарди лева. Минусот ќе се одрази и на резултатите на националната економија. Туристичкиот сектор обезбедува над 12 отсто од БДП на земјата заедно со ефектот врз поврзаните индустрии како што се транспортот и преработувачката на храна и пијалаци.
Главната причина за падот на гостите во Бугарија е враќањето на Турција, Египет, Тунис на светскиот туристички пазар. Најважното деловно прашање е сега што може да се направи во иднина. Пропуштените години и недостигот од инвестиции во бугарските туристички летувалишта може да предизвикаат нови кризи, се предупредува во анализата на „Капитал“.
Податоците на големите туроператори и хотелиери покажуваат дека во моментот на морето се регистрира двоцифрен пад на сите главни пазари, вклучувајќи ги Германија, Русија и централноевропските држави, како што е Полска. Очекувањата се дека единствено туристите од Велика Британија може да бидат на истото минатогодишно ниво.
– Сезоната оди исклучително тешко, работиме во моментов ден за ден – коментира претседателката на Унијата на хотелиерите во Сончев Брег, Елена Иванова. Според неа, оваа година туристите ги нема, а трошоците за хотели се зголемуваат, вклучувајќи ги и повисоките цени на електричната енергија од 1 јули.
– Пазарите ни го свртеа грбот, бидејќи во текот на годините Бугарија не можеше да се наметне како главна дестинација за одмор. Таа останува да биде алтернативна дестинација – коментира Калин Сутев, претставник од голема туристичка агенција.
Во текот на минатата недела министерката за туризам, Николина Ангелова, рече дека е рано да се отпише оваа туристичка сезона. Единствената значајна мерка што Министерството за туризам ја спроведе, а тоа ќе продолжи и во следната 2020 година, е промоција на бугарскиот туризам. За другите мерки засега нема никакви најави. Се очекува дека ќе се стимулираат чартер-летови, слични на директните конкуренти на Бугарија (како што се Турција), кои со децении ги субвенционираа индивидуалното рекламирање. Многу играчи во туристичкиот сектор ја поддржуваат оваа мерка, имајќи предвид дека резултатите од рекламните кампањи, кои Бугарија периодично ги организира во странство, се контроверзни. Според најавите од ресорното министерство, новите мерки за јавна расправа ќе бидат претставени допрва на крајот на август, што може да се покажат како задоцнети, поради динамичниот туристички пазар и силната конкуренција од околните земји, заклучува „Капитал“.