На плажа прва излезе одбојката, речиси пред 100 години, таа прва и засега единствена од песочните верзии на спортовите влезе во олимпиското семејство (од 1996 година), а на песок се играат и ракомет, фудбал, кошарка, тенис, рагби, голф, борење и др.
Топлото време и летото полека на сцена почнаа да ги исфрлаат спортовите на песок што своевремено доживеаја модификациска верзија на спортовите што се играа во затворен простор и на тврда подлога. Одбојката, ракометот, фудбалот и кошарката на плажа стануваат сѐ поактуелни и попривлечни за следење, а песочни верзии имаат и тенисот, рагбито, голфот, борењето и др. Нивната популарност и сѐ поширока прифатливост се должат на тоа што спортовите на песок, за разлика од тие во сала и на тврда подлога, нудат послободна, поатрактивна и пред сѐ егзибициска игра, која за публиката е поинтересна и полесна за следење.
Неодамна своја завршница имаа Европското првенство во ракомет на плажа за сениори и сениорки, кое се играше во Старе Јаболки, Полска, и Светското првенство во одбојка на плажа во Хамбург, Германија. Селекциите на Данска (мажи и жени) стигнаа до титулите европски првак во ракомет на плажа, а на СП во одбојка на плажа Русија стана светски првак кај мажите, а кај девојките, тимот на Канада стигна до првата светска круна.
Одбојката е првиот меѓу колективните спортови што од сала излегле на песок. Таа верзија на одбојката почнала да се игра уште во 1920 година во Калифорнија, за разлика од ракометот, кој своите почетоци ги бележи во 90-тите години од минатиот век, или, пак, фудбалот на плажа, кој почнал да се игра во 1992 година.
На своите почетоци одбојката на песок немала масовна прифатеност, но вистинскиот бум и развој се случиле во 90-тите години од 20 век, кога станала дел од олимписките спортови на Летните олимписки игри во Атланта, во 1996 година. Три години претходно почнале да се одржуваат европски првенства (1993-та за мажи и 1994-та за жени), а светските првенства почнале да се одржуваат од 1997 година. Селекциите на Германија во машка и во женска конкуренција се најтрофејни на европските првенства, а машката и женската селекција на Бразил доминираат според бројот на медали од мундијалите.
Ракомет на плажа е еден од поновите спортови, кој како игра се појавил во почетокот на 90-тите години од минатиот век во Италија, кога биле развиени и правилата на играта. Како и во одбојката, ракометни натпревари на плажа се организираат за машки, женски и за мешани тимови. Првото Европско првенство е одржано во 2000 година, а првото Светско првенство во 2004 година. Ракомет на плажа се игра во повеќе од 50 земји во светот. Минатата година ракометот на плажа влезе како „пилот-спорт“ на Младинските олимписки игри во Аргентина.
Најтрофејни европски селекции во машка и во женска конкуренција се тие на Хрватска, оти мажите имаат четири златни и по еден сребрен и бронзен медал, а жените имаат по два златни и бронзени и еден сребрен медал. На светските првенства, пак, доминантни се машката и женската селекција на Бразил, со по седум медали. Мажите имаат пет златни и два сребрени, а жените по три златни и бронзени и едно сребрено одличје.
Како ракометот, така и фудбалот на песок се смета дека се појавил во почетокот на 1990-тите години, а за негово родно место се смета Рио де Жанеиро. Првиот официјален турнир во фудбал на песок се одржал во 1992 година на плажите во Мајами, на кој настапиле селекциите на САД, Бразил, Аргентина и на Италија. Првото Светско првенство во фудбал на песок се одржало во 1995 година на плажата Копакабана во Рио, а прв победник бил Бразил. Од 2005 година првенството го организира Светската фудбалска федерација (ФИФА), а домаќин на годинешното СП од 21 ноември до 1 декември ќе биде Парагвај. Со 14 шампионски титули, Бразил е најтрофејна и на фудбалските песочни терени.
Тргнувајќи од фактот што одбојката на плажа е една од пионерите меѓу спортовите на песок, таа е и најпопуларна и најпосетена од гледачи.