Во вчерашното машко финале, во третото меѓусебно финале, играа освојувачите
на 35 гранслем- титули
Во вчерашното машко финале, Србинот Новак Ѓоковиќ и Швајцарецот Роџер Федерер, освојувачите на вкупно 35 гранслем-титули (15 и 20, односно четири и осум на Вимблдон), го играа 48-от меѓусебен натпревар (Ѓоковиќ и Надал играле 54 пати), прв финален на овој турнир по 2015-та, кога победи Ѓоковиќ. На досегашните дуели поуспешен беше Ѓоковиќ, со 25-те триумфи. Ѓоковиќ го совлада Федерер во финалињата во 2014 и 2015-та.
Без оглед на исходот од мечот, Ѓоковиќ ќе остане светски рекет број 1, а Федерер со триумф ќе се искачи на втората позиција. Федерер ќе стане вториот играч што ги победува Ѓоковиќ и Надал на ист гранслем-турнир, што претходно му успеало само на Швајцарецот Стен Вавринка на Австралија опен во Мелбурн во 2014-та.
Федерер, на возраст од 37 години и 340 дена, ќе биде највозрасниот тенисер во опен-ерата победник на гранслем-титула. Тој е највозрасниот финалист, по Австралиецот Кен Розвол во 1974 година.
– Она што навистина го почитувам кај Новак Ѓоковиќ е тоа што тој се инспирира и игра подобро кога публиката е против него. Тоа е она што е многу важно. Што се однесува до Роџер, кој можеше да замисли пред пет или шест години дека тој ќе игра на ова ниво на неговата возраст? Тоа е незамисливо. Може ли Федерер да победи? Се разбира дека може. Но јас очекувам Новак да победи во четири сета – прогнозираше седумкратниот освојувач на гранслем-турнири, Американецот Џон Мекинро.
Кај повеќето обложувачници прогнозите беа идентични како и на Мекинро, победа на Ѓоковиќ во четири сета, односно „за романтичарите победник мора да биде Федерер, за реалистите Ѓоковиќ“.
Федерер е миленикот на публиката на Вимблдон. Со Ѓоковиќ е сосема спротивното, што се виде и во полуфиналето, кога освен против Баутиста Агут, тој мораше да се бори и против публиката, која громогласно навиваше за шпанскиот тенисер кога тој се „врати во мечот“.