Најголемиот американски музеј, њујоршкиот „Метрополитен“, соопшти дека во своите три изложбени простори во текот на изминатата фискална година имал повеќе од седум милиони посетители. Освен централниот изложбен простор на Петтата авенија, „Метрополитен“ има простор на реката Хадсон каде што се чуваат средновековни експонати, и простор на врвот на островот Менхетн свртен кон океанот. За овој музеј фискалната година заврши на 30 јуни.
Колекциите на музејот и многу важни изложби се магнет за посетителите. Изложбата на најдобрите слики на францускиот уметник Ежен Делакроа (1798-1863), кој извршил огромно влијание врз романтичарското движење во Европа, беше интернационална сензација, а посебен успех имаше изложбата на средновековни артефакти од Ерменија, како и значајната изложба на експонати од древниот Блиски Исток. Две интересни изложби во рамките на овој период уште се отворени, така што сѐ уште бројот на посетителите ќе се зголемува.
„Метрополитен“ е една од најпосетените њујоршки атракции, која ја посетиле 28 отсто од туристите, 35 отсто се Американци и од таа бројка 16 отсто се њујорчани и од пошироката околина на градот. Колекциите на музејот им овозможуваат на посетителите да видат експонати чија старост се движи од пред 5.000 години до денес. Ова е трета година едноподруго како „Метрополитен“ привлекува повеќе од седуммилионска публика.