Амстердамскиот „Ријксмусеум“ почнува со реставрацијата на славната Рембрантова слика „Ноќна стража“, најголем реставраторски потфат во историјата, кој ќе се одвива зад стаклен ѕид во почесната галерија на музејот, пред очите на посетителите. Реставрацијата на големото платно, едно од најпознатите на светот, ќе се пренесува и директно на интернет, за да може сите да ја гледаат постапката.
Проектот е наречен „Операција ноќна стража“ и чини неколку милиони евра, а е прв од вакво значење во историјата. Станува збор за истражувачка работа и најголема и најкомплетна реставрација на Рембрантовото ремек-дело во историјата, како што соопшти музејот.
Свртувајќи се кон иднината и идните генерации „Ријксмусеум“ сака да го зачува ремек-делото што секоја година привлекува повеќе од два милиони посетители, кои сега ќе можат да ги следат во живо потезите на реставраторите во стаклениот бокс направен специјално за оваа намена.
Холандскиот сликар Рембрант ван Ријн (1606-1669 г.) во 1642 г. добил нарачка од капетанот на амстердамската градска стража да ги наслика припадниците на стражата. Последен пат сликата е реставрирана пред повеќе од 40 години, по нападот од 1975 година, кога е расечена со нож од посетител. По овој настан, експертите забележале дека на некои делови на сликата се губи бојата, особено околу местата оштетени од ножот.
– Последниве години забележавме како на долниот дел на сликата се појавува бел сјај. Сакавме да откриеме за што се работи за што подобро да ја реставрираме сликата – објасни директорот на музејот Тако Дибитс, кога ја најави реставрацијата минатата година.
За да го направат тоа, експертите ја проучија сликата со помош на фотографија со висока резолуција и со помош на анализа на платното и секој слој на боја и лак, пред да одредат со какви техники ќе работат. Пред реставрацијата, која почна вчера и би можела да трае со години, „Ноќна стража“ беше во фокусот на изложбата организирана по повод 350-годишнината од смртта на славниот холандски сликар.