Студиото „Сони пикчрс“ го објави првиот трејлер за „Чарлиевите ангели“. Станува збор за акциона комедија, која се надоврзува на истоимената серија од седумдесеттите години, како и на двата филма, кои беа објавени на почетокот од овој милениум. Улогите на новите ангели ги глумат Кристен Стјуарт, Наоми Скот и Ела Балинска. Овие дами во филмот работат за мистериозниот Чарлс Таусенд, чија безбедноста агенција работи со клиенти од целиот свет. Агенцијата собира тимови од најпаметните, најподготвените и најхрабрите жени, кои се подготвени да се справат со најтешките можни задачи.
Со една од таквите задачи се справуваат хероините во филмот, односно добиваат задача да истражат еден произведувач на нова технологија за која се верува дека е опасна за човештвото.
Новиот филм „Чарлиевите ангели“ е режиран од Елизабет Бенкс. Таа го има напишано и сценариото за филмот, а исто така глуми една од споредните улоги.
Премиерата за оваа забавна комедија е закажана за 15 ноември.