Виндсурфот е спорт на вода што вклучува мешавина од природни елементи и човечки вештини на сурфање и едрење, кои овозможуваат човекот да се забавува во вода, вели виндсурферот Бојан Ивановски
Бојан Ивановски е виндсурфер. Добитник е на бронзен медал на државното првенство во виндсурф – едрење на штица. Сурфањето бара менаџирање на водата и ветерот, а Бојан одлично маневрира со овие две движечки сили. Тој е член на едриличарскиот клуб Пеликан. Во неговото семејство одамна се практикува овој спорт, па, така, и тој почнал да учи и тренира виндсурф. Најголемо искуство стекнал додека бил инструктор по виндсурф во Грција.
– Практикувам многу спортови и сакам да учам нови работи. Почнав да учам да едрам пред 18 години. Гледајќи го предизвикот да пловиш на вода и да си играш со брановите, се мотивирав да пробам виндсурф. Мојот татко ме научи на основите, понатаму се сѐ должи на тренингот и времето што го поминував во вода – вели Бојан Ивановски.
Тој вели дека виндсурфот е спорт на вода што вклучува мешавина на природни елементи и човечки вештини на сурфање и едрење, кои овозможуваат човекот да се забавува во вода.
– Најнеопходна работа за едрењето на штица е ветерот. Доколку го нема, воопшто не може да се практикува спортот. Условите на водата можат да варираат и многу влијаат за нивото на знаење. Луѓето што се почетници или, пак, се нови во спортот претпочитаат мирна вода без бран, која го олеснува целокупниот тренинг.
Брановите се практикуваат во подоцнежниот стадиум, бидејќи дополнително влијаат на рамнотежата. Иако постојат многу услови, сепак изборот е индивидуален, сѐ се базира на стилот на едрачот. Бранот нуди забава, а пак мирната вода нуди поголема брзина. Чувството што го предизвикува тешко се опишува, нема споредба според мене. Во водата како да сте едно со елементите – уживање во погледот на водата, звукот на ветерот и брановите. Доколку условите се идеални, едрењето може да трае со часови, сѐ зависи од физичката подготвеност – ни сподели Бојан.
Услов за едрење на штица е да има силен ветер, другите околности, како на пример температурата и условите на водата, се значајни, но не и пресудни.
– Кај нас може да се научи да се едри, но со текот на годините самиот спорт бара попредизвикувачки услови, па затоа најдобро е на отворена вода, т.е. на море или океан. Овој индивидуален спорт е доста скап и нема многу луѓе што тренираат професионално. Државата и институциите воопшто не го гледаат како цел овој спорт и финансиите се од свој џеб на тие што имале обиди за некаква кариера. Интерно ние организираме трки, кои се нарекуваат регати, но сепак тоа е како собир да се дружиме, бидејќи кај нас не постојат услови и стандарди за натпреварување во оваа категорија – објаснува Бојан.
Кај нас најпогодни услови има во големите езера, Охридско, Дојранско и Преспанско, а од вештачките Велешко и Мавровско.
– Условите ги нема секој ден и обично ги следиме временските прогнози. За жал, за добро едрење кај нас деновите се бројат на прсти, па затоа повеќе планираме патувања надвор од државата, бидејќи условите на море се попредизвикувачки и позабавни – дополнува Ивановски.
Во неговата листа на места за сурфање на прво место е Гран Канарија (Шпанија), па Фуертевентура (Шпанија), Клитмолер (Данска), Бонаире (Кариби), Мауи (Хаваи).
– Следните предизвици се да посетам што повеќе од дестинациите што ги набројав, наедно и да научам нови техники и трикови. Овој спорт, сепак, ми е хоби и јас го практикувам во периодот за годишен одмор, а тоа ме ограничува. Но многу е битно да се пронајде тоа што те релаксира и опушта за време на одмор, а јас веќе знам – вели Бојан.