Подготовките во Дојран беа мошне успешни. Сите се во добра форма и подготвени да го дадат максимумот на татамите. Со малку среќа очекувам одлични резултати, вели селекторот во борби Сашко Арсовски
Македонската карате-репрезентација (борби и кати) со вкупно 16 натпреварувачи ќе настапи на претстојното Европско сениорско првенство (ЕП) во Нови Сад, Србија (10-13 мај), од кои 12 во борби и двајца во кати, предводени од селекторите Сашко Арсовски (борби) и Стојан Андриевски (кати). Од 28-ми месецов беа организирани и 10-дневни завршни подготовки во старата репрезентативна база на каратистите, хотелот „Истатов“ во Дојран, така што репрезентацијата подготвена ќе патува на ЕП, кое ќе биде најмасовно досега, со учество на 532 натпреварувачи од 52 држави.
– Подготовките во Дојран беа мошне успешни. Ме радува тоа што никој не се жали на повреда, сите се во добра форма и подготвени да го дадат максимумот на татамите. Со малку среќа очекувам одлични резултати во Нови Сад – истакна селекторот Арсовски на вчерашниот прием во Агенцијата за млади и спорт (АМС).
Еден од главните адути за медал е Берат Јакупи, носител на бронза од ЕП во 2013 и на сребро од ЕП 2017 година.
– Минатото ЕП бев втор, а годинава конкуренцијата е многу посилна. Максимално сум подготвен, во добра форма сум и ако се поклопат сите коцки, очекувам повторно да освојам медал – вели сребрениот од ЕП во 2017-та, Берат Јакупи.
Штипјанецот Емил Павлов на ЕП во Финска во 2014 година се закити со злато, а две години подоцна и со бронза.
– Лани немав висок резултат на ЕП, но самодовербата се врати со златниот медал на Балканското првенство. Ги познавам добро моите ривали, во добра форма сум и се надевам дека македонската спортска јавност ќе ја израдувам со уште еден медал од ЕП – оптимист е Павлов.
Искусниот Жарко Арсовски смета дека ова ЕП всушност ќе претставува отскочна штица и за следните големи натпреварувања.
– Се надевам на одличен успех, но не и последен во мојата кариера. Се чувствувам како да сум во моите почетни години. Ова ЕП нека биде и отскочна штица за понатамошните натпреварувања што нѐ очекуваат, а тука пред сѐ е Светското првенство (СП) во Шпанија годинава – смета Арсовски.
На вчерашниот прием во Агенцијата за млади и спорт (АМС) успех им посака и директорот на АМС, Дарко Каевски.
– Македонија во изминатава деценија е редовен освојувач на медали, што е единствен случај во сите наши спортови, а особено е важно што минатата година се закитивме и со сребрен и бронзен медал, на првото ЕП, откако каратето стана олимписки спорт. Сакам да им посакам успешен настап на нашите каратисти и како што ги испраќаме, така и да ги дочекаме во АМС, со медали и со насмевки – рече Каевски
На последното ЕП во Коачели (Турција) во 2017-та, Македонија освои два медала. Берат Јакупи (до 84 кг) се закити со сребро, а Јована Георгиева (до 55 кг) со бронза, и двајцата во дисциплината борби.