Најавите и заложбите на Министерството за труд и социјална заштита, покрај во градовите, детски градинки да се отворат и во поголемите селски населби, ги даваат првите резултати. Така во Кичевско – Бродскиот регион, во општинскиот центар Пласница од 1-ви септември ќе почне со работа првата детска градинка во една рурална средина.
– Од 1-ви септември во нашиот регион ќе започне со работа првата детска градинка во една рурална средина, поточно во село Пласница. За новата детска градинка обезбедени се просторни услови во училиштето, а во новоотворената детска градинка ќе бидат згрижени 25 деца на возраст од 4 до 6 години. Во оваа детска градинка ќе има тројца вработени и тоа една воспитувачка, една негувателка и едно лице што ќе се грижи за хигиената и перење на садовите, во кои децата ќе ги добиваат оброците. Храната за овие дечиња ќе се обезбедува преку детските градинки од Кичево и, истата ќе се служи свежо подготвена истиот ден. Ова нема да биде осамен случај, туку планираме детски градинки во блиска иднина да отвориме и во селата Зајас, Другово и Србица – најави Садик Ахмети, директор на детските градинки во Кичево, кои функционираат со една управа.