По завршувањето на денешното рочиште за „Поткуп“, премиерот Зоран Заев рече дека бил испрашуван од страна на неговите адвокати, од страна на јавниот обвинител и од страна на судот како обвинето лице во овој процес.
-Мислам дека дадов одговор за сите важни прашања. Се докажа и преку тоа што досега се знае и преку сведочењето на сведокот, преку исказите, дека тоа што беше јавно објавено не соодветствува со целата снимка којашто ја гледавме овде. Веројатно тоа ќе си го утврди и самиот суд, односно, се докажа дека само мал сегмент од таа снимка е објавена во јавноста – истакна Заев.
Тој изрази жалење што судот одлучил да не се објавуваат снимките јавно.
-Дефинитивно преку сите овие искази коишто се зедоа од мене како обвинето лице, од сведокот, гледањето на целосни видео снимки, онака како што постоеле, како и слушањето на телефонските разговори обезбедени од ПИ мерките и сите докази коишто ги дадовме во прилог, јас навистина очекувам да финишира овој процес онака како што ќе одлучи судот и по ова јас очекувам ослободителната пресуда за овој предмет- посочи Заев.