Уште студирав, кога по првите слободни избори во Унгарија во 1990 година, влегов во унгарскиот парламент како членка на новоформираната, амбициозна партија Фидеш, која беше покрената од група студенти меѓу кои беше, тогаш, младиот и храбар демократ Виктор Обран. Искрено верувавме дека ги претставуваме сништата на нашата генерација. Тогаш освоивме 22 места во парламентот, пишува поранешната пратеничка во унгарскиот парламент Сузана Селени, во нејзиниот авторски текст во „Гардијан“, насловен „Некогаш му бев сојузничка на Орбан, а сега презирам што ѝ стори на Унгарија“.
Безмалку триесет години подоцна, болно е да се гледа како Фидеш создаде хегемонистичка партиска држава која ги доведува во прашање не само значењето на демократските институции во земјата, туку и на оние во Европа. Како воопшто се случи ова, се прашува Селени.
– Кога Орбан стана премиер на 35-годишна возраст, поголемиот дел од привлечноста на Фидеш доаѓаше од залагањето за атрактивната можност за членство во ЕУ, што Унгарците длабоко го посакуваа. Но, заедно со другите, тажно набљудував како внатрешната демократска култура на партијата се распадна. Беше наметнато политичко влијание врз медиумите и корупцијата се рашири, што дополнително се влоши со влезот на средствата од ЕУ во државата, во 2004 година – се наведува во написот.
Беше потребно да се случат мигрантската криза во 2015 година, брегзит и изборот на Доналд Трамп за европските елити да сфатат дека Орбан претставува закана за западните демократски принципи. Добра вест е дека националистичките популистички сили не успеаја да се пробијат на неодамнешните европски избори, што јасно покажува дека влијанието на Орбан достигнало крајна граница. Унгарија можеби е мала држава, но дел од лекциите што нејзиниот народ ги научи мора да им послужат на сите, заклучува Селени.