Поднесено е обвинение против 12 лица за несовесно работење во службата во случајот со лекувањето на Тамара Димовска, соопшти денеска Основното јавно обвинителство Скопје. За случајот, според соопштението, обвинети се петте члена на Првостепената и членовите на Второстепената комисија, кои го донеле односно го потврдиле негативното решение за лекување на Тамара во странство, како и двата тогашни директора на Фондот за здравствено осигурување и претседателот на Управниот одбор на ФЗОМ.
– Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот суд Скопје 1 Скопје поднесе Обвинителен предлог против 12 лица за сторено кривично дело – Несовесно работење во службата од член 353-в став 2, во врска со став 1 од Кривичниот законик. Обвинителството постапуваше по предметот оформен по допрен глас, кон кого подоцна беше припоена и кривичната пријава поднесена од Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и законскиот застапник на оштетеното дете, сега починатата Тамара Димовска од Велес- соопшти скопското ОЈО.
Во текот на истрагата, се наведува, надлежниот јавен обвинител ја побара и обезбеди целокупната документација поврзана со лекувањето на ова дете и тоа од повеќе институции – Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија, Министерството за здравство, Универзитетската клиника за детски болести, ЈЗУ ТОАРИЛ УЦ, ПЗУ „Филип Втори“ – Скопје и Општата болница во Велес. Истовремено, се додава, преку Основното обвинителство Велес, кое ја нареди обдукцијата на починатото девојче, беше преземен и секциониот протокол со кој од страна на Институтот за судска медицина се утврдува конкретната причина за смртта на Тамара Димовска.
Јавниот обвинител, во текот на истражната постапка, ги испита членовите на Стручниот колегиум – потписници на Предлогот за упатување на лекување во странство, претставник на Фондот за здравствено осигурување, секретарите на Комисиите на Фондот (првостепена и второстепена), директорот на ЈЗУ ТОАРИЛ УЦ, како и членовите на првостепената и второстепената комисија, кои одлучувале при донесувањето на негативното мислење за упатување на овој пациент на лекување во странство.
Од Институтот за судска медицина и медицинска деонтологија беше побарано да изврши и дополнително вештачење за да се утврди поврзаноста на конкретната причина за смртта кај Тамара Димовска со нејзината општа здравствена состојба. Надлежниот јавен обвинител ја испита и мајката на сега починатото дете.
– Како резултат на многубројните спроведени истражни дејствија во една темелна и сеопфатна преткривична постапка, беше утврдено дека сега обвинетите пет члена од Првостепената лекарска комисија за одлучување по правото на лекување во странство, во рамките на Фондот за здравствено осигурување го донеле првичното негативно мислење за лекувањето на Тамара Димовска. Мислењето дека не се исцрпени можностите за лекување на пациентот во Република Македонија тие го донеле по истекот на законски предвидениот рок и е спротивно на мислењето на Стручниот конзилиум на УК ТОАРИЛ УЦ. Притоа предвид ја зеле изјавата на тогашниот министер за здравство кој најавил дека пациентите со деформитет на ’рбетот во иднина нема да одат да се лекуваат во странство, затоа што оперативните зафати ќе се вршат во новоформиран Спинален центар на Клиниката за ортопедски болести во Скопје. Постапувајќи по ваквото мислење, двајца од обвинетите во својство на директори на Фондот за здравствено осигурување донеле Решение со кое барањето за лекување во странство се одбива како неосновано. Истото Решение било потврдено и од сега обвинетите членови на Второстепената лекарска комисија, а конечно потпишано од обвинетото лице во својство на претседател на Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување, без притоа да се одржи седница на Управниот одбор, стои во соопштението.
Постапувајќи во истиот предмет, се посочува, надлежниот јавен обвинител донесе Решение за отфрлање на кривичната пријава за две лица за кривичното дело Несовесно работење во службата од член 353-в став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, како и за едно лице кое се товареше за кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик. За овие три лица беше утврдено дека немале овластувања да одлучуваат и не учествувале во одлучувањето за лекувањето на починатото дете, наведуваат од скопското ОЈО.