Садула Дураки поднесе оставка на функцијата министер за животна средина и просторно планирање од причина што е предложен за министер на новотo министерство за политички систем и односи меѓу заедниците.
Во оставката упатенa до премиерот Заев, Дураки вели дека во време на неговото раководење со министерството за животна средина биле спроведени многу проекти кои ќе остават траен позитивен белег во зачувување и унапредување на животната средина.
– Морам да истакнам дека изминатиот период додека ја извршував функцијата се соочивме со најголемите предизвици за зачувување и унапредување на животната средина. Според сегашната состојба, некои од тие предизвици успешно ги надминавме. Јас и мојот тим во изминатиот период макотрпно работевме и го вложивме целото наше знаење и способност во решавање на проблемите, но некои проблеми бараат долгорочен и системски пристап – се наведува во писмената оставка на Дураки.
Тој додава дека министерството располага со стручен кадар кој несебично ќе се вложи и ќе му помогне на новиот тим да креира и да ги спроведува политиките во животната средина и просторното планирање.
На крајот, Дураки истакнува дека ќе му биде чест и задоволство да биде дел од новото министерство, кадешто несебично ќе придонесе за успешно чекорење на државата кон европските интеграции.