Сушено овошје е овошје од кое е отстранета водата преку методи на сушење. Во процесот на сушење, овошјето останува смалено и без вода. Некои сушени овошја мора да бидат дополнети и со шеќер, како што се ананасот, јаболката и мангото. Придобивка од него е тоа што може да стои подолго време од свежото овошје и во секој случај е одлично за грицкање во услови кога не можете да користите фрижидер за овошјето да ви трае подолго.
Сушеното овошје е високонутритивно. Едно парче сушено овошје ја содржи истата нутритивна форма како и свежото, но во помало количество. Содржи дури до 3,5 пати повеќе растителни влакна, витамини и минерали за разлика од свежото. Сепак, тоа не е случај со сите витамини. Така, на пример, витаминот Ц се губи при сушењето, но фолната киселина не. Богато е и со антиоксиданти, особено со полифеноли, кои се заслужни за подобра циркулација, дигестија и намален ризик од канцер.
Многу студии покажале дека луѓето што консумираат сушено овошје полесно губат тежина и добиваат повеќе нутритиенти од оние што не консумираат.
Суво грозје
Сувото грозје помага за намалување на ризикот од заболување од одредени болести. Богато е со растителни влакна, железо, калиум, а има и низок гликемиски индекс и низок инсулински индекс. Консумирањето суво грозје може да помогне при намалување на крвниот притисок, регулирање на шеќерот во крвта, намалување на холестеролот и одлично е за луѓето што се борат со вишок килограми, бидејќи брзо заситува.
Суви сливи
Сувите сливи се природен лаксатив. Најчесто спаѓаат во намирници од кои се прави сок за бебиња што имаат запек повеќе од десетина дена. Богати се со растителни влакна, бета-каротин, калиум и витамин К. Консумирањето суви сливи ја регулира столицата, но и го намалува лошиот (ЛДЛ) холестерол. Богати се и со минералот бор, кој помага во битката со остеопороза.
Урми
Урмите се одлични во бременост. Неверојатно се благи, но богати се со железо, калиум и растителни влакна. Од сите сушени овошја, урмите се најбогати со антиоксиданти, со што ја намалуваат оксидативната штета на телото. Имаат низок гликемиски индекс, што значи иако се благи, нема да го зголемат количеството шеќер во вашата крв.
Одлични се за бремени жени. Една студија покажала дека жените што јаделе урми во последните неколку недели од бременоста, немале потреба од индукција при породувањето. Тие се познати и во лекувањето стерилитет кај мажите и жените.
Богато е со фруктоза и со калории
Овошјето вообичаено содржи големо количество природен шеќер. Бидејќи од сушеното овошје е отстранета водата, целиот состав од шеќер и калории се наоѓа во помало количество овошје. Од 22 до 51 процент од шеќерот во сушеното овошје е фруктоза. Прекумерното консумирање фруктоза сепак има негативни здравствени ефекти и затоа треба да се консумира во умерени количества.
Избегнувајте сушено овошје со шеќер!
За да се произведе одредено сушено овошје, мора да се стави шеќер. Сите знаеме колку е штетно прекумерното количество шеќер, па затоа избегнувајте ги таквите сушени овошја и секогаш читајте ги декларациите пред да купите сушено овошје.